Како што побарувачката за полуспроводници – клучен елемент на сите електронски уреди – се зголемува така и други западни високотехнолошки развиени земји размислуваат за активна партиципација во тој сегмент (покрај САД и Кина), заради зголемување на својот домашен производствен капацитет во обид да ја намалат зависноста од синџирот на снабдување.
Имено, во трката сега се вклучува и Франција, откако францускиот министер за економија Бруно Ле Мер потпиша договор за комплетирање нова фабрика за полуспроводници во Франција со извршните директори на „СТМикроелектроникс“ и „Глобалфаундрис“, поддржана од 2,9 милијарди евра буџетски средства.
Извршниот директор на „Глобалфаундрис“, Томас Кофилд, го нарече договорот „партнерство“ со француската држава. Во светот има „остра“ конкуренција, рече Кофилд, истовремено со трката за субвенционирање – само САД доделија 52 милијарди долари јавни субвенции само за производство на полуспроводници.
Француската субвенција од 2,9 милијарди евра изнесува речиси 40 отсто од вкупните трошоци на проектот. Субвенцијата треба да им помогне на двата производитела да го остварат двојното производство до 2030 година, да бидат енергетски поефикасни и да развијат најсовремена технологија.
Според Ле Мер, технологијата избрана за оваа фабрика треба да ја намали потрошувачката на вода во индустрискиот процес за 60 отсто. Колфилд додаде дека користената технологија ќе користи 130 мегавати помалку од споредливите фабрики.
Минатиот февруари, „Интел“, американски производител на полуспроводници, побара од Владата на Германија да го зголеми веќе договореното финансирање за државна помош за изградба на две мегафабрики, најсовремени фабрики за микрочипови, во Магдебург. Барањето беше оправдано врз основа на зголемените трошоци за енергија и суровини, бидејќи производството на чипови е енергетско интензивна индустрија. Сепак, тоа исто така поттикна загриженост дека производителите би можеле да ги спротивстават владите во трката за субвенции.
Прашан за ризиците од зголемување на трошоците, Ле Мер изјави дека договорот е „конечен“ и вклучува „гаранции за волумен“ на производството. Тој додаде дека гледајќи ги овие услови, нема ризик за зголемување на трошоците.
Жан Марк Шери, првиот човек на „СТМикроелектроникс“, објасни дека „50 отсто од фабриката е веќе изградена, а 33 отсто веќе започна со производство“, нагласувајќи дека нема да има поскапувања. Тој понатаму нагласи дека побарувачката за полуспроводници за одржлива мобилност или обновливи извори веќе постои и дека фабриката што се гради во градот Крол, во регионот Оверњ-Рона-Алпи, веднаш до градот Гренобл, ќе може да ги искористи овие можности.
Тој потоа додаде дека субвенцијата од 2,9 милијарди евра е дел од инвестицискиот план „Франција 2030“, кој има цел „да го премости францускиот индустриски јаз“. Степенот до кој јавните трошоци треба да ги финансираат инвестициите предизвика жестока дебата во Франција во последно време, бидејќи агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го намали францускиот рејтинг пред еден месец. Сепак, агенцијата за кредитен рејтинг „Ес енд пи“ во петокот (2 јуни) објави дека земјата ќе го задржи сегашниот рејтинг АА.
Р.Н.М.