фото: Архива

Министерството за култура, во соработка со македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, информира за резултатите од „Конкурсот за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст“. Од 48 пристигнати драмски текстови, избрани се: „Бреме“ од Мила Јовановиќ–Миленковиќ, „Измислена приказна“ и „Не застанувај продолжи понатаму: Лукавиот“ од Мики Душански.

Министерството за култура на авторите на откупените македонски драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, ќе им додели авторски надомест во нето-износ од по 120.000 денари. Целта на конкурсот е афирмација на современата македонска драма и збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори.

Приоритет имале текстовите што поттикнуваат и промовираат млади домашни драмски автори, текстови што ја афирмираат современата македонска драма, иницираат зголемено учество на јавноста – интерактивност, активна публика, учество на млади и текстови што отвораат актуелни општествени прашања.