Денвер поведе во меч со историски ефект

КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ

Јокиќ е првиот во НБА-лигата што во финале на плејоф постигнал барем по 30 поени, 20 скока и 10 асистенции. И Мареј имаше трипл-дабл, а двајцата се првите соиграчи со таков ефект на ист меч во финале и први што имале трипл-дабл со 30 поени на иста средба во кој било дел од сезоната

Кошаркарите на Денвер славеа во третиот меч во финалето на плејоф-серијата во НБА-лигата на гости кај Мајами со 109-94 и поведоа со 2-1 (се игра до четири победи). Четвртиот меч е утре рано наутро, повторно кај Мајами. Денвер доминираше во скоковите (58-33), шутот од поле (51 отсто наспроти 37 на ривалот) и во асистенциите (28-20).

Никола Јокиќ со 32 поена, 21 скок и 10 асистенции стана првиот кошаркар во НБА-лигата што во финалето на плејофот постигнал барем по 30 поени, 20 скока и 10 асистенции. Уште во првото полувреме Јокиќ имаше историски ефект, со 14 поени, 12 скока и седум асистенции, што го прави само третиот играч во претходните 25 години (заедно со Леброн Џејмс и со Тим Данкан) со барем по 10 поени и скока и пет асистенции за едно полувреме во финале на НБА. Тоа беше и негов рекорден 10-ти т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) во плејофот годинава. Ова е трет меч на Јокиќ со 30-20-10 во плејофот, втор годинава, а преостанатите два во историјата на плејофот во НБА ги постигнаа легендарните Вилт Чембрлен и Карим Абдул-Џабар.

Џамал Мареј, исто така, забележа трипл-дабл (34 поени, по 10 скока и асистенции). Јокиќ и Мареј се првите соиграчи што оствариле трипл-дабл на ист меч во финале и први со трипл-дабл со 30 поени на ист натпревар во кој било дел од сезоната. Г.И.