Фестивалот почнува вечерва, од 20 часот, во Националната опера и балет (НОБ), со концертот на Мисиа и нејзиниот придружен состав. За Португалката Мисиа велат дека е пионерка, слободен дух, што успеа да изгради своја патека во жанрот и веројатно затоа некои ја нарекоа анархистка на фадото

Организаторите од „Скопје џез-фестивал“ најавуваат програма со осум концерти и една проекција на документарен филм. Фестивалот почнува вечерва, од 20 часот, во Националната опера и балет (НОБ), со концертот на Мисиа и нејзиниот придружен состав. За Португалката Мисиа велат дека е пионерка, слободен дух, што успеа да изгради своја патека во жанрот и веројатно затоа некои ја нарекоа анархистка на фадото.
– Безброј награди и одликувања, како и стотици илјади продадени плочи низ светот, добро ја илустрираат важноста на овој уметник во историјата на фадото, во португалската музика воопшто, во минатото и иднината. Нејзиниот уникатен глас одново и одново импресионира со својата театралност и авторитет што е неспоредлив – посочуваат организаторите.

Наредниот ден, 8 јуни, публиката ја очекуваат два концерта, повторно во НОБ. Прва на сцената ќе се качи Мари Калкун од Естонија, за чија музика велат дека иако ја пее на јазик што малкумина го разбираат, таа создава медитативна и необична атмосфера што предизвикува многу емоции.
– Нејзините слободни музички аранжмани во основа се детерминирани од звукот на канелот – традиционална естонска цитра. Така, она што останува во преден план е гласот на Калкун, кој е во исто време меланхоличен и радосен, нежен и спокоен. Мари признава дека за неа е клучно за кого и за што пее – многу од нејзините песни им се посветени на блиски луѓе или на животни пресвртници, како раѓање, смрт или свадба – соопштува „Скопје џез-фестивал“.

 

На границата меѓу автентичноста и пренесувањето на културното наследство низ самоизразување, македонската уметница Зарина Првасевда го пронајде својот сопствен израз на нејзиниот долгоочекуван деби-албум „Ехо“, издание што содржи единствен пристап – 11 традиционални песни на четири различни јазици. Сега таа заедно со својата музика ќе го претстави и на „ОФФест“, истиот ден, веднаш по Мари Калкун.

В петок, 9 јуни, на сцената на НОБ први ќе настапуваат Џастин Адамс и Мауро Дуранте, за кои велат дека се врвни музичари со различно искуство, кои ги обединува нивната длабока поврзаност со древната транс-музика.
– Заедно, тие создаваат жив, соголен звук што се движи и маѓепсува, со едноставни мелодии и опсесивно-репетитивни обрасци, еднакво соодветни за танцување и мечтаење. Нивниот прекрасен деби-албум „Still Moving“ беше снимен во еден здив, директно на лента, помеѓу карантините од 2020 година – посочуваат организаторите.

Вториот македонски претставник на „ОФФест“, втор настапувач на 9 јуни, е Крсте Роџевски – пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната даунтаун-сцена од неговата преселба во Њујорк во доцните деведесетти.
– Новото, шесто по ред, издание на Роџевски под наслов „Black Earth“, продуцирано од Бил Ласвел, ќе излезе во втората половина на оваа година, за „Дефказ рекордс“. На акустичниот соло-настап во Скопје, тој ќе ги претстави своите песни во една чиста, наивна и соголена форма, ослободена од студиските дотерувања – стои во најавата. Последната вечер, фестивалот се сели во Младинскиот културен центар. Таму, во киното „Фросина“, најпрво од 19 часот е најавен документарниот филм „Литл блу натинг“ – музички портрет на Ирена и Војтех Хавлови. Чешкото дуо потоа од 20 часот ќе одржи и свој концерт во „Фросина“.