Халуциногената дрога ЛСД чие име е кратенка од германскиот назив на диетиламид-лизергинската киселина, асоцира на хипи-движењето и на вудсток-уметноста на 60-тите години на минатиот век. Средството, кое своевремено беше сметано за лек, повторно станува предмет на медицинските истражувања, 75 години откако случајно беше откриено во швајцарската лабораторија „Сандоз“, пренесува „Нешнл џиографик“.
Наркотикот познат по халуциногените својства, беше откриен во 1943 година како експериментален лек во психијатријата од страна на д-р Алберт Хофман, додека во 1971 година беше забранет од страна на Светската здравствена организација (СЗО) поради масовната злоупотреба на лекот.
Неговото актуелизирање почнува во 2006 година, кога во Базел, Швајцарија, е организирана голема конференција по повод стогодишнината од раѓањето на Хофман. Тој во својата книга посветена на ЛСД се обидува да отвори дискусија за да се продолжи медицинското истражување, со цел да се докаже позитивната страна на неговото откритие.
– Ако успееме да ја подобриме употребата во медицинската пракса, поврзана со медитацијата и можностите на ЛСД да предизвикаат визионерски искуства во одредени околности, верувам дека моето несовршено „дете“ би можело да стане чудо – изјавил своевремено швајцарскиот хемичар.
Конференцијата предизвикала лавина барања на научниците од целиот свет, кои апелирале до своите влади за добивање дозвола за повторно истражување на ЛСД, особено при третманот за тешка депресија или за лекување на пациенти кои боледуваат од неизлечиви болести.