Учебникот по историја за петто кој беше полн со грешки е повлечен од настава. Министерството за образвоание и наука потврди дека од пред десетина дена не го користат учениците, а минатиот четврток е објавен и повик за формирање на нов авторски тим кој ќе го изработи новиот учебник.
Учебникот што досега го користеа петтоделенците е повлечен поради тоа што одредени содржини не одговараа на барањата од наставната програма со цел постигнување на планирани резултати од учењето и стекнување на потребни компетенции. По повлекувањето на учебникот, наставниците продолжуваат да ја спроведуваат наставата согласно наставната програма.
Од здружението на историчари кое ги пронајде бројните пропусти, велат, одлуката за спојување на неколку учебници како дел од новата концепција во образованието е избрзана одлука, а тоа резултирало со повлекување на книгата. Не очекуваат дека ќе има заинтересирани за пишување на нов учебник па, петтооделенците најверојатно следната школска година ќе ја почнат без учебникот „Историја и општество“. Тие тврдат дека никој од стручната фела не сака да учествува во изработка на учебник во кој механички се спојуваат неповрзани теми.
Од комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ велат, со повлекувањето се потврдиле грешките во учебникот. Но, прашуваат, кој ќе сноси одговорност за илјадниците евра потрошени за печатење.
Историја и општество е повлечен и од е-базата на министерството за образавание. Учебникот во наставата за петто влезе во декември, но по само неколку дена беа воочени низа нелогични информации. Монт еверест наместо осум, висок е 29 илјади метри, наш источен сосед е Албанија, а на запад земјава граничи со Бугарија.
На десет дена пред крајот на школската година пак, неделава петтооделенците конечно го добија учебникот по македонски јазик.