Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во мечевите денеска во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во второто коло на Сребрената европска лига, одбојкарките од 17.30 часот играат со Летонија, а одбојкарите во натпревар од Златната европска лига од 20.15 часот играат со Белгија. Влезот за двата меча ќе биде бесплатен

ЗЛАТНА И СРЕБРЕНА ЕВРОПСКА ЛИГА

Македонските одбојкарски репрезентации денеска во двојна програма во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, ги продолжуваат настапите во европска конкуренција, мажите во Златната лига, а жените во Сребрената лига. Влезот за двата меча ќе биде бесплатен.
Женската репрезентација на Македонија, која по подолго време повторно е на европската сцена, по поразот во првото коло дома од Австрија со 0-3, сега ќе се сретне со Летонија (од 17.30 часот), која трипати настапила на ЕП (осма во 1997 година). Од јануари годинава Летонија е рангирана на 52. место во светот. Во другиот меч од оваа група играат Австрија и Естонија.
Македонските одбојкари во првото коло загубија од Украина со 0-3, а вечерва дома играат со Белгија (20.15 ч.). Во оваа група во ова коло ќе се сретнат и Украина и Хрватска. Белгија, која е 21. селекција во светот, досега настапила на девет светски првенства (највисок пласман е осмото место во 1970 година), 17 пати играла на европските првенства (четврта во 2017 година, ќе настапи на годинашниот шампионат, во групата А, со Италија, Швајцарија, Србија, Германија и со Естонија), а во Европската лига настапила четири пати (триумф во 2013 година).
Македонија во август ќе биде домаќин на една од четирите групи на Европското првенство за мажи, а македонската селекција во групата во Скопје ќе се сретне со репрезентациите на Полска, Холандија, Црна Гора, Чешка и на Данска. Н.М.


ЗЛАТНА ЛИГА, МАЖИ, ГРУПА Б

ПРВО КОЛО
Украина – Македонија 3-0
Белгија – Хрватска 3-1
ВТОРО КОЛО
Украина – Хрватска 19 ч.
Македонија – Белгија 20.15 ч.
СРЕБРЕНА ЛИГА, ЖЕНИ,
ГРУПА А
ПРВО КОЛО
Македонија – Австрија 0-3
Естонија – Летонија 3-1
ВТОРО КОЛО
Македонија – Летонија 17.30 ч.
Австрија – Естонија 14 ч.