Фото: Игор Бансколиев

Станува јасно дека како што временскиот простор се стеснува, така поизвесен ќе станува и ќе се засилува ветрот во едрата на бродот на кој би требало да се качи екипаж со согласност за двотретинско мнозинство. Тоа е безмалку идентичен однос и начин што го предлагаше поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој делеше „совети“ како може да се обезбеди потребното мнозинство за усвојување на уставните измени наметнати со потпишувањето на Преспанскиот договор. Очигледно и овој пат работите почнуваат да се движат во таква насока

Процедурата за уставните измени во полн ек и без обезбедено двотретинско мнозинство

Станува очигледно дека уставните измени треба да се протуркаат по секоја цена?! Тоа може да се забележи по директните пораки што сè почесто пристигнуваат од Брисел и од Вашингтон, како и процесите тука во земјава, почнувајќи од формирањето работно тело што ги подготви предлозите за уставни измени, наместо како што е утврдената процедура и практика тоа да го прави надлежната собраниска Комисија за уставни прашања, а да не го заборавиме и игнорирањето на ставот на јавноста, која бара поширока општествена дискусија за ова прашање.
Несомнено работите се целосно процедурално извртени наопаку, што само покажува дека измените на Уставот ќе се туркаат со „меѓународен ветер“ во едрата на промените кон нешто непропишано, непроцедурално и во крајна рака непознато, и притоа без оглед што во државата не постои консензус по ова прашање, а уште помалку има обезбедено двотретинско мнозинство измените на Уставот да го здогледаат светлото на денот во една нормална и демократска атмосфера.

Политичкиот компас на претседателот на државата заврти за 180 степени

И претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека процедура за уставните измени во Собранието треба да започне и покрај сè уште необезбедениот политички консензус, иако претходно го тврдеше спротивното и дека неговиот политички курс беше тотално спротивен од новоискажаниот, дека нема потреба да се влегува во процес на уставни измени ако нема обезбедено двотретинско мнозинство.
– Знаете, тоа е голема една политичка дилема, политичка, не е правна, дали да влегувате во уставни промени ако немате обезбедено две третини претходно. Она што го знаеме, во тие рамки се движеше и моето размислување. Денеска сум повеќе склон да верувам дека е потребно да се влезе во парламент, дури под претпоставка да немате сигурни 80 претходно, со тоа што јасно на таков начин и со првото гласање, кое бара две третини, би се идентификувале двата главни блока во државата – проевропски и антиевропски блок – рече претседателот Пендаровски.
Станува јасно дека како што временскиот простор се стеснува, така поизвесен ќе станува и ќе се засилува ветрот во едрата на бродот на кој би требало да се качи екипаж со согласност за двотретинско мнозинство. Тоа е безмалку идентичен однос и начин што го предлагаше поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој делеше „совети“ како може да се обезбеди потребното мнозинство за усвојување на уставните измени наметнати со потпишувањето на Преспанскиот договор. Очигледно и овој пат работите почнуваат да се движат во таква насока, без оглед што пред извесно време токму претседателот Пендаровски говореше дека е потребен консензус за да не се повтори ситуацијата од пред некоја година, кога со поткуп, закани и уцени беа обезбедени пратеници што гласаа за промена на името на државата, а тоа остави сериозна лузна врз македонското општество.

Дали започнувањето на процедурата за уставни измени без обезбеден консензус има потенцијал да ја втурне земјава во уште подлабока политичка криза

Клучната дилема што сега се наметнува во јавноста е дали започнувањето на процедурата за уставни измени без обезбеден консензус ќе ја втурне земјава во уште подлабока политичка криза и дополнителна поларизираност во општеството ако повторно се направи обид насила да се обезбеди мнозинство.
Поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски нема никаков сомнеж дека ќе биде употребен некаков метод за да се протуркаат уставните измени, но за него тоа е повеќе европски начин на непринципиелно дејствување.
– Јас не сметам дека „балканските методи“ беа оние проблематичните кога насилно беше наметната промената на името. Од Балканот доаѓаат демократијата, меѓуверскиот соживот, филозофијата и многу други придобивки за глобалната цивилизација. Но не се сомневам дека и сега течат обидите да се протуркаат уставните промени со „европски методи“ иако овој пат ќе биде малку потешко затоа што политичката атмосфера целосно е променета, а и политиката на Зоран Заев за рушење на сите македонски црвени линии доживеа целосен дебакл – вели Боцевски.
Тој нема никаква дилема дека во претстојниот период само дополнително ќе се засилува притисокот врз земјава бараните уставни измени да се случат што поскоро, иако лично не очекува дека ќе дојде до таков исход.
– Нормално, очекувам уште повеќе да се засили меѓународниот притисок, но не очекувам да дојде до уставни измени. Јасно е што е проблемот – непризнавање на македонската посебност, на македонскиот народ, на македонскиот јазик, а во крајна мера и на македонската државност, онака како што граѓаните на Македонија ја замислуваат. Тоа е суштината на проблемот – посочува Боцевски.
Ставот и на другите соговорници е дека уставните измени немаше да бидат исправени пред ново „преспанско сценарио“ ако во државата постоеше консензус за клучните прашања.
– Никој не вели дека е против внесување на Бугарите во Уставот, но забелешките се дека целиот процес почнувајќи од преговорите со Бугарија, до договарањето на „францускиот предлог“ се водеше нетранспарентно и сега е тешко да се обезбеди мнозинство да изгласа нешто што некој друг го договарал. Власта тргнува од сопствените интереси оти некому му ветила нешто, опозицијата не сака да влегува во нивното сценарио и инсистира на избори, така што од она што го гледаме деновиве и пораките што стигнуваат од меѓународната заедница, не е исклучено странците „да замижат“ на ново слично „пријателско убедување“ на пратениците исто онака како кога се менуваше името на државата. Следува и лидерска средба овие денови, така што можеби работите ќе бидат нешто појасни. Како и да е, ни претстои бурно политичко лето – оценуваат соговорниците.


Џафери: Нема законска пречка расправата за уставните измени да почне и без двотретинско мнозинство

За претседателот на Собранието, Талат Џафери, нема никаква законска пречка расправата за уставните измени да почне иако не е обезбедена двотретинска поддршка за уставните амандмани.
– Процедурата за утврдување на потребата од промена на Уставот може да почне, а наредните триесет дена, додека дојде за гласање, да се работи на обезбедување мнозинство за промените, поточно политичкиот дијалог да продолжи – порача Џафери.
Според него, оваа иницијатива ги надминува интересите на мнозинството во парламентот и е во интерес на граѓаните и на државата, практично порачувајќи им на сите да размислат како ќе пристапат кон измените.