Алтер его

Антиупатства за лична употреба

Го пробуди звукот од улицата, десет пати погласен од зуењето на стоматолошки апарат. „Штотуку се раздени, а тие пак нешто средуваат“, помисли дремливо, но со лутење.
Бучавата е многу посилна од онаа во сонот. Комшијата се договорил со инвеститор на местото на неговата маалска двокатна куќа со уредена градина за која со години на дрвјата и цвеќињата им делеше терапија, вода и љубов, да се изгради висококатница. Утрово булдожерите почнале да ја рушат старата куќа. Од несносната рика на градежните чудовишта се губи гласот од звучникот на камиончето на „старо купуем“, што денес некако незабележливо минува по улицата. Од дворот, во пижами, гледа како на некој многу бавен слоумошн: телото на соседовата куќа се крши, се дроби, стенка од болка, како земјотрес да му зататнил под столбовите и го натерал да вреска и да се руши, беспоговорно! Огромните челусти на двата булдожера ги џвакаат ѕидовите сосе оставениот мебел на нападнатата стаписана комшиска урнатина што беше дом, додека навивачката врева на рушителите сосема се вклопува во глетката од примитивниот свет со механизираните чудовишта како главни јунаци.
Згаден се крие во делот на куќата каде што живееше мајка му. Го дочекуваат онемените Бастер, Чарли, Станлио и Олио, Рудолф. Седат на своите столчиња во киносалата и со безгласни движења на рацете го повикуваат да им се придружи. Проекцијата штотуку не почнала.
Порано се прашуваше како би реагирала мајка му кога би видела дека нејзината дневна соба во која водеше живи кафе-разговори со своите пријателки и колешки се преобразила во мини-студио. Сигурно малку би се налутила поради неуредноста, расфрланоста на сите тие кабли, светилки, штици. И поради трагите од чевли по нејзиниот дебел персиски килим.