Фото: Пекселс

Синузитот во неговата почетна фаза, тешко се дијагностицира, затоа што симптомите потсетуваат на оние на обична настинка (затнат нос, сливање на секрет низ ждрелото и малаксаност). Освен тоа, кај синузитите често се јавува болка на лицето и температура

Автор: Д-р Владимир Зелениковски

Синузитис претставува воспаление на слузницата на параназалните синуси. Овие инфекции се јавуваат најчесто заедно со инфекции на носните простори (ринити) и затоа често се користи терминот риносинузити.
Постојат четири пара на синуси: над очите; лево и десно од носот, под очите; во коренот на носот; во горниот дел на носот, меѓу очите. Секоја шуплина е отворена и споена со носната шуплина. Внатрешноста на сите синуси е обложена со слузница, иста како онаа во носот. Синусите и носот се споени, затоа, секоја настинка или алергија која предизвикува воспаление и оток на слузницата на носот го прави тоа и на слузницата на синусите.
Воспаленијата на синусите најчесто се поврзани со: претходна настинка, алергиски ринит, полипи во носот, искривена носна преграда, чести горно-респираторни инфекции. Отечената слузница и слузот кој се собира во носот го спречуваат протокот на воздухот и слевањето на секретот кој нормално се произведува. Со тоа се блокира отворот на синусот, се спречува неговата вентилација и се оневозможува изедначување на притисокот и дренажа. Синусот се полни со секрет и тоа предизвикува болка. Синузитот во неговата почетна фаза тешко се дијагностицира, затоа симптомите потсетуваат на оние на обична настинка.
Најчести причинители на синузити се:
бактерии – Streptococcus pneumoniae, Haemophylus influenzae, Moraxella catarrhalis.
вируси – риновируси, аденовируси, вируси на инфлуенца и параинфлуенца, респираторни вируси.
габи – најчесто кај дијабетичари и пациенти со намален имунитет.

Видови на синузити
Синузитите се делат на: акутни (кој трае 3 – 8 недели), хронични (од 3 месеци, па до повеќе години), рецидивирачки (неколку напади во текот на една година).

Акутни синузити – Најчесто ги предизвикуваат бактерии или вируси, а многу ретко габи. Бактериите, кои во мал процент се присутни на слузницата на горните дишни патишта кај здрави луѓе, најчесто го предизвикуваат акутниот синузит. Кога доаѓа до воспаление и оток на слузницата отежната е вентилацијата и дренажата на синусот, па наместо бактериите и вирусите да се исфрлаат со постојаното изливање на секретот тие се задржуваат и множат со што постепено се развива инфекција и болка во вид на притисок.

Хроничен синузит обично е последица на чести акутни воспаленија на синусите, кои не се лекувани. Симптомите се исти како кај акутниот синузит, но се поблаги, поради што најчесто ги занемаруваме, па траат подолго и преоѓаат во хроничен проблем. Најчести предизвикувачи се грам – негативни и анаеробни бактерии и габи. Децата кои се склони на астма или алергии често имаат и хроничен синузит.

Превенција
– Навремено лекување на настинка, грип и други инфекции на дишните патишта;
– Лекување на алергиите;
– Претерано, енергично дување на носот може да ги внесе бактериите во синусите;
– Редовно проветрување на домот;
– Избегнување задимени простории и загадена средина;
– Избегнување базени со хлорирана вода;
– Дијагностицирање.

Синузитот во неговата почетна фаза, тешко се дијагностицира, затоа што симптомите потсетуваат на оние на обична настинка (затнат нос, сливање на секрет низ ждрелото и малаксаност).
Освен тоа, кај синузитите често се јавува болка на лицето и температура. Наједноставен начин да се дијагностицира синузитот е со перкусија или со притискање во пределот на синусот. Доколку тоа предизвикува болка, тогаш најверојатно се работи за инфекција. Потребно е да се направи рентген снимка на синусите. Најдобар начин за дијагностицирање е компјутеризирана томографија на синус, односно магнетна резонанца.
Лекување
Кога лекарот ќе ја постави дијагнозата и ќе ги идентификува предизвикувачите на инфекција, пристапува кон лекување, препишувајќи соодветна терапија и лекови.
Деконгестиви: Како и аналгетиците, деконгестивите се даваат за да се намали отокот на слузницата и лачењето секрет, односно за да се олеснат симптомите во случај на акутен синузитис, но не треба да се користат подолг период бидејќи може да ја оштетат слузницата.

Испирање: Кај хроничен синузитис се препорачува испирање на носната шуплина заради олеснување на симптомите.

Антибиотската терапија е индицирана ако симптомите на воспаление на синусите траат подолго од десет дена, а терапијата ја препишува лекар.
Доколку лековите не помагаат се применува хируршки третман. Честа причина за акутни инфекции може да биде и третиот крајник, кој во тој случај треба да се отстрани. Девијација на носната преграда или полип во носот исто така можат да бидат причина за синузит, па во тој случај се оперира носната преграда, односно се вади полипот од носот.
Навремената дијагноза на воспалението на синусите, како и спроведувањето на адекватната терапија значително го намалува ризикот од појава на компликации и опасноста од ширење на инфекцијата кон околните структури.