Фото: Илустрација/Принтскрин

Напад од руски беспилотни летала во текот на ноќта оштети дел од инфраструктурата во украинското црноморско пристаниште Одеса, што е клучно за извозот на жито – соопшти украинската војска.

– Како резултат на ударот, избувна пожар во пристанишната инфраструктура на Одеса, кој брзо беше изгаснат. Се собираат информации за степенот на штетата – објави на Фејсбук Јужната команда на војската, пренесува Хина.

Армијата не прецизираше дали штетата во пристаништето го загрозува извозот на жито.

Во новиот бран руски воздушни напади врз Киев биле користени дронови и крстосувачки ракети.

Воената команда во главниот град на Украина соопшти дека украинските единици за противвоздушна одбрана собориле повеќе од 40 непријателски проектили.

Во 15-тиот руски воздушен напад овој месец и вториот последователен напад во последните два дена, според украинските власти немало поголеми штети или жртви во Киев, но во својата објава на каналот Телеграм, градоначалникот на Киев Виталиј Кличко напишал дека минатата ноќта била тешка – пренесува Ројтерс.