Пандемијата со ковид-19 предизвика загуба на речиси 337 милиони години од човечките животи во првите две години, бидејќи милиони луѓе починаа прерано без да го исполнат својот животен век, соопшти Светската здравствена организација.
Годишниот извештај на здравствената агенција на ОН за светската статистика покажува и зголемена закана од незаразните болести како што се срцевите заболувања, ракот и дијабетесот.
Најдраматичното откритие, засновано на податоците до 2022 година, е проценката за тоа колку години живот однесе ковид-19, соопшти СЗО.
Пандемијата предизвика хаос ширум светот и официјално уби речиси 7 милиони луѓе, а се верува дека вистинската бројка е поблиску до 20 милиони.
Извештајот на СЗО открива како самиот вирус и поширокото влијание на кризата нагло ги нарушиле животите на милиони луѓе.
Иако СЗО официјално забележа 5,4 милиони смртни случаи од Ковид во 2020 и 2021 година, бројките за зголемена смртност покажуваат дека околу 14,9 милиони луѓе всушност умреле поради здравствената криза во тој период.
Можеби уште повпечатливо, рече таа, статистиката покажува дека само во тие две години, ковид резултираше со загуба на 336,8 милиони години живот на глобално ниво, кои инаку би биле доживеани.
– Тоа е како да губите 22 години од животот за секоја прерана смрт – изјави за новинарите Самира Асма, помошник директор на СЗО за податоци и анализи.