Српската полиција во градот Рума, попладнево уапсила млад човек кој денеска од ракетен фрлач испукал проектил и уништил напуштен објект во близина на железничката станица во овој војводински град, јавија регионалните медиуми.
Експлозијата се случила околу 14 часот во Платичево и предизвикала уривање на малата зграда, но во инцидентот нема повредени.
Според неофицијални информации, уапсено е 25-годишно лице кое претходниот ден било пуштено од невропсихијатриско лекување.
„Утврдено е дека гори пожар во старата, напуштена зграда на станицата. Веднаш биле повикани пожарникари кои брзо го локализирале, а потоа го изгаснале пожарот“, пишува весникот „Блиц“, наведувајќи дека е причинета поголема материјална штета.
Српските медиуми јавуваат дека по масовното пукање во училиштето, кога ученик во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ уби осум врсници и училишен чувар, како и по масакрот во Младеновац кога Урош Б.(21) уби осум лица, во земјата многу често има нови инциденти.