Фото: принтскрин

Во поплавите по дводневните обилни врнежи во северните италијански региони Емилија-Ромања и Марке има смртни случаи и предизвикана е штета долж јадранскиот брег на земјата. Крајбрежната област од вчера е зафатена од силно невреме, а три лица го загубија животот а илјадници се евакуирани, објавија италијанските медиуми.

Еден маж престојувал на приземјето од својата куќа за време на поплавите и се удавил, а има извештаи и за исчезнати лица.

Провинциите Равена, Форли-Чезена, Римини и Болоња, а особено градовите Фаенца, Чезена и Форли се најпогодени, соопшти италијанската противпожарна служба и посочи дека распоредила 400 пожарникари и одговорила на 600 повици од вчера наутро.

Пожарникарите ги спасувале луѓето кои останале заробени во нивните домови покрај водата и возачите заглавени во поплавите. Во градот Чезена, каде реката Савио се излеа од коритото, службите за итни случаи спасиле десетици луѓе заробени на покривите од нивните куќи.