КОШАРКА

Екипата на ЦСКА со 4-1 ја доби серијата против Зенит во руската ВТБ-лига
Екипата на ЦСКА, која ја предводи македонскиот тренер Емил Рајковиќ, во борбата за третата позиција ја доби серијата со 4-1 против Зенит во ВТБ-лигата на Русија, со што го освои бронзениот медал во оваа натпреварувачка сезона.
Во петтиот натпревар против Зенит, московскиот тим пред своите навивачи славеше со 82-79, што беше доволно да стигне до четврта победа и со тоа да ја заврши успешно оваа серија за бронзениот медал.
До целосен триумф ЦСКА стигна со пресврт во последните осум минути, во кои имаше негатива од осум коша (59-67), но со серија од 9-2 се доближи на минус еден поен, а потоа направи и целосен пресврт, славејќи со три поени разлика. Најзаслужен за четвртата победа беше српскиот интернационалец Дејан Давидовац, кој ги постигна клучните поени на 18 секунди пред крајот на мечот за минимално водство (80-79).
За Емил Рајковиќ ова беше дебитантската сезона на најпознатиот руски клуб и осумкратен европски шампион. Патем Рајковиќ, меѓу другото, беше прогласен за тренер на годината во ВТБ-лигата. Ова заслужено признание доаѓа како резултат на успешната сезона во која ЦСКА оствари 30 победи во 32 меча и како водечки тим го заврши регуларниот дел од првенството. Г.И.