Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, кое работи во состав на црковната општина „Св. Климент Охридски“ во Торонто, ја организира културната манифестација „Денови на македонската литература и култура“ во Торонто. Свеченоста се одржа на 13 мај, во големата банкетна сала на црквата, каде што беше поставена изложба на македонски книги, предмети од богатото македонско културно наследство, апстрактни уметнички ликовни дела од Зоран Карапанчев и цртежи од македонскиот уметник Живко Поповски-Цветин.
Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ е формирано на 6 март 1987 година, а од 1989 година ги организира „Деновите на македонската култура и литература“ во Торонто. Оваа манифестација се одржува во мај секоја година, а учествуваат и гости од Македонија. Годинашната специјална гостинка од Македонија, Виолета Ачковска, за жал не беше присутна, но до Македонците испрати силни сплотувачки пораки, кои беа проследени од љубителите на убаво напишаниот збор. На самиот почеток публиката ја поздрави претседателот на црковната управа во македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто, Борис Стоикос, а во име на друштвото, претседателот на „Браќа Миладиновци“, Зоран Карапанчев, проговори за важноста на постоењето на македонскиот литературен јазик и македонското кирилско писмо, за историското дело на браќата Кирил и Методиј со создавањето на глаголицата и ширењето на писменоста, како и за важноста на ширењето на македонскиот литературен јазик во дијаспората преку отворање училишта по македонски јазик, како и востановување македонски библиотеки во црковните општини.

Потпретседателката на друштвото Драгица Димовска ги претстави членовите на друштвото, кои прочитаа дел од своето творештво. Со свои творби се претставија: Благица Дафовска, Рада Видиновска, Каролина Ристеска, Магдалена Иваноска, која прочита поема од авторот Зоран Иваноски, придружувани од нежните музички акорди на акустичната гитара на Марко Матески. На прославата настапи и неделното училиште раководено од учителката Снежана Тешовиќ. За животот и делото на Кирил и Методиј говореше парохискиот свештеник во МПЦ „Св. Климент Охридски“ во Торонто, Александар Тодоровски. Манифестацијата предизвика интерес и беше посетена од голем број друштва и асоцијации, како и од управите на македонските православни цркви во Канада. Следуваше забавен дел со музичките уметници Соња и Оливер, Менде Куновски и Стив Штуревски. Присутните си ја збогатија својата домашна библиотека со книжевни дела од повеќе македонски автори што можеа да се купат во рамките на настанот.

Соња Лозановска