Анкета
Еден дедо со бели коси,
еден добар старец пензионер,
бастун и очила што носи,
дедо ѝ на малата Цвета,
меѓу децата од мојата улица
спроведе голема анкета.
На секое дете писмо му прати
со молба да каже што најмногу сака и писмото назад
да му го врати.
Децата се замислија,
добро размислија
и му одговорија.
Првачето Миле убаво што пее
со големи букви му напиша вака:
„Најмногу дедо, мама си ја сакам!
За мене се грижи
и над мене бдее“.
А малиот Ване кој книгите свои
не ги остава никогаш од рака –
да стане лекар најмногу сака
и да им помага на луѓето
кога се во мака.
Русокосата Ленче
во желба гори
секое дете на оваа планета,
црно и бело,
од град и село
во среќа да цвета!
Сестричките Нада и Мица
безмерно сакаат
сегде на светот да ечат песни,
насмев да грее на сите лица,
да нема нигде часови кобни,
да нема луѓе дволични,
злобни –
а сите да се добри и чесни!
„Прати ни, дедо, убава топка,
најмногу таа нам ни е мила“.
Така напишаа Коле и Јане
во тимот уличен лутите крила.
Покрај тие желби,
децата редум,
ученици во блиската школа,
татковината во срце ја носат,
сакаат да е слободна, лична,
да цвета во песни да се гради.
И на крајот молат
татковината сите да ја љубат –
и стари и млади.
Перо Миленкоски
Џебови
Џебови има разни,
некои полни
други празни.
Со децата
никој не може да се мери.
Овде се џебовите
– рекордери.
По списокот,
најдено и пронајдено:
Недопишано ливче,
потрошено моливче.
Гума, за нешто неизбришано.
Балонче, штотуку издишано.
Изгубено од пенкало капче,
фотографија од миленичето маче.
Нешто недовршени
лего-коцки.
Половина чешел
ќе те боцне.
И мобилниот, да не си доцнел.
Ова се рекорди
заработени чесно.
Ниту во песнава,
повеќе нема место.
Васил Мукаетов
Оглас за среќа
Се расчул насекаде меѓу луѓето глас,
заради еден чудесен, необичен оглас
наградна игра во дневен весник,
а наградите – вредни и интересни.
Кој најмногу гнезда од ластовички
ќе изброи на куќната стреа редум
ќе добие огромни вреќи со пченица
не двапати, туку трипати по седум.
Добриот домаќин-пријател за ластовичките
ем добива пченица, повеќе од една воденица,
ем денови со песна и цвркот исполнети цели
и многу, многу среќа што со сите ќе ја дели.
Филип Димкоски
Тетка Љубов
Раширете си рачиња
шир, шир, шир.
За сите што се скарани
смир, смир, смир!
Еве сум сега,
еве сум тука,
моето срце
од возбуда чука!
Но која сум јас
секој ќе се праша,
јас се викам Љубов,
и јас сум само ваша!
Љ, Љ, Љ
jас сум ваша тетка,
ја гледам солзичката
во око што ви светка…
Љ, Љ, Љ,
ја гледам и насмевката
што сега се роди…
Раширете си прстиња
и пуштете ја тагата,
сака да си оди!
Раширете си рачиња
шир, шир, шир.
За сите што се скарани
смир, смир, смир!
Вера Андон