ДЕНОВИ НА ФИЛИГРАНСТВО И НАКИТ
Дваесет и три уметници занаетчии се претставија на „Деновите на филигранство и накит“, во организација на Занаетчиската комора – Скопје. Ова беше ретка можност на едно место да се видат рачно изработени уметнички форми на накит од сребро, бакар, челик, преку епоксидна смола, чисто сребро 925, полимерна глина, до керамика, плексиглас и мурано стакло. Најголем дел од креативците изработуваат филигран, како најделикатна и елегатна форма на накит, а се претставија и учесници што создаваат шарени и весели приказни во форма на накит за стилски сонувачи и храбри луѓе. Во секој детаљ на уникатните парчиња накит е втиснат креативниот и авторски труд на овие уметници.
Меѓу креативците се претстави и Катарина Дода – „КД џулари“, која изработува филигран од сребро, кој досега е претставуван на фестивали за зачувување на традиционалните занаетчиски производи во САД, Аргентина, Шпанија, Оман, Узбекистан, Порторико… и каде што е наградувана за најдобро дизајниран и изработен накит. Светлана Ивановска – „Арт студио С“, понесена од геометриските форми и природата, создава софистицирано парче накит, направено од различни материјали и техники, а жицата е основа во секое парче. Кристина Мауровска Темкова – „Студио Кристина“, се претстави со накит изработен од бакар, медицински челик и сребро во комбинација со полудраги камења. Елена Поповска – „Мај прешс“, ги комбинира филигранот, месингот и бакарот и преку различни техники ја доловува приказната за убавината на природата. Марина и Елена Јакшиќ – „Ателје Сиена“, изработуваат парчиња на рачно насликан накит, залеан со епоксидна смола и рачно изработен накит од сребро и филигран. Александра Атанасовска – „Моррно“, е искрена поклоничка на филигранот и ги компилира занаетот, мајсторската умешност и културното наследство создавајќи накит од сребрена и златна испреплетена жица. Маја Донева на уникатен начин ги употребува техниките филигранство и ќустек во своите креации. Миранда Дема – „Корал џулари“, е бренд специјализиран во рачно изработување персонализиран накит од чисто сребро 925. Јулијана Илиевска – „Џули декупаж“, изработува накит од полимерна глина и епоксидна смола со суви цветови, рачно везени и шиени модни додатоци. Архитектката Марта Пејоска креира во полето на дизајнот и ја користи сребрената жица како медиум. Преку филигранската техника раскажува своја архитектонска приказна, на еден модерен начин. Лада Шоптрајанова Петровска – „Филигри ларго“, изработува сребрен накит во традиционална филигранска техника, но со нетрадиционален дизајн. Таа е виолинистка, па низ нежната структура на сребрените жици протекува музика. Кај Милица Гавриловска – „Еквилибриум.фајн.артс“, секое парче накит е асиметрично, апстрактно, аморфно во изгледот и дезенот, изработено од епоксидна смола и полимерна глина, со специфична мешавина на нијанси и бои. Елеонора Дулјанова – „Смал пис оф џој“, изработува накит од керамика и кожа. Нејзините дизајни се шаренолика палета од оригинални парчиња. Накитот на Марија Таировска – „Марсис хендмејд“, е експлозија од шарени и весели приказни за стилски сонувачи и храбри луѓе. Емина Амит – „Ателје Месечина“, изработува филигран во комбинација со школки, а за дел од накитот користи стари пари-кованици од кои создава прстени и обетки во комбинација со сребро и камчиња во комбинација со бакарна или алуминиумска жица.
Ивана Кондратенко – „Артнок“, се претстави со обетки, кои имаат специфичен дизајн, 2Д и 3Д-формат, изработени од полимерна глина и елементи од дрво, стакло и метал. Кај Милена Станковска – „Брума“, има спој на филигранска техника и современ израз, збогатен со традиционални и нови техники, кои доаѓаат од далечни краишта. Според Татјана и Борче Богоевски – „Керакамика“, глината е таа што ја апсорбира убавата енергија. Користат природни еколошки и безбедни материјали и создаваат персонализиран накит, брошеви, обетки и ѓерданчиња. Данче Наумоска – „Коппер арт“, креира накит од бакар и месинг, при што користи разни техники, како посребрување, патинирање и боење. Дијана Тодоровски – „Добро ми стои“, создава современи форми од сребро, кои ги комбинира со месинг и бакар, а креациите се поврзани со природата и животинскиот свет. Катерина Јовановска – „Стардаст Кејт ракотворби“, се претстави со накит од епоксидна смола и полимерна глина во едноставни, нежни, пастелни комбинации, едновремено и авангардни, живописни и цветни дизајни. Блашка Миева –„Фреја фешн џулри“, прави накит од плексиглас и полимерна глина. Секое парче е рачно сликано, каде што формата се третира скулптурално и апстрактно. Ибро Ибраим – „Филигран Ибро“, се претстави со традиционален филигран.