Во пресрет на 13. Филозофски филмски фестивал

Филозофскиот филмски фестивал, кој ја негува и промовира мисловната филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, годинава по 13. пат ќе се одржи од 2 до 9 јуни во Кинотеката на Македонија. Во рамките на ова фестивалско издание е предвидено да бидат прикажани четириесетина филма, ќе се одржат педесетина настани, ќе има 18 гости и 20 учесници на втората интернационална конференција „Филозофија и филм“. Мотото на годинешното издание на ФФФ е „Сè е филм, во множина“, инспирирано од големиот француски филмски великан од новиот бран Жан-Лик Годар (1930-2022), за кого фестивалот подготвува специјален сегмент „Фокус Годар“.

– Во годаровски манир, по малку поигрувајќи си со историјата/историите, или приказната/приказните на филмот, оваа година со омаж на Годар како една неизбежна одредница и лик во светската филмска историја приказна, со радост ви го најавуваме 13. издание на нашиот фестивал во кој централно место ќе има токму „Фокусот Годар“, со неколку ретки и исклучително вредни синефилски уживања што ги подготвивме за нашата верна публика. Годинешната максима, „Сè e филм, во множина“, на ниво на синтакса, повторува една Годарова постапка: брзиот и неочекуван монтажен засек. Затоа и запирката, која не е чест гостин во слогани, тука ни се чини и сосема посакуванa – велат организаторите.

Легендарниот режисер Жан-Лик Годар, кој го започна и го предводеше новиот бран на францускиот филм, почина на 91 година, објавија француските медиуми. Годар се проби на сцената со крими-драмата од 1960 г., „До последен здив“, по што следуваа наслови што одново ги испишаа филмските правила, како „Презир“, „Банда на аутсајдери“ и „Алфавил“. Неговото творештво донесе нов жар и смелост во филмовите, што влијаеше врз голем број режисери, од Мартин Скорсезе до Квентин Тарантино.
Богатата филмска/фестивалска програма е организирана во: ревијална програма: филм-философија, двете компетитивни програми: официјална селекција на долгометражни филмови и официјална селекција на краткометражни филмови, ретроспектива, придружна програма, едукативна програма и интернационална конференција „Филозофија и филм“, а фестивалот работи и на два издавачки проекта.
Како традиционални настани што му претходат на главниот дел од програмата, во текот на минатиот месец ФФФ ја започна едукативната програма. Taa беше поделена на три сегменти: средношколска видеолектира, работилници за млади и фил(м)ософија со деца. Од почетокот на април, па сѐ до крајот на фестивалот има настани од оваа програма низ повеќе локации низ Македонија.

Средношколската видеолектира започна на 4 април во Младинскиот културен центар во Скопје за учениците од Скопје (шест гимназии), за учениците од Велес се одржа проекција на филмот „Духот на училиштето“ (1973) на Виктор Ерисе, а потоа имаше проекции и во други градови. Учествуваа околу 420 ученици од 16 училишта во 11 града. Во втората половина на април и почетокот на мај се одржани и седум работилници за млади во повеќе градови, на актуeлни општествени теми со филмска подлошка. На работилницата од 20 до 27 мај учествуваа десетина учесници, а ги водеше нашиот филмолог Атанас Чупоски. И последниот сегмент од ЕП (фил(м)ософија со деца) е наменет за најмалите философи и филмофили, учениците од 9 до 11 години, и е поврзан со гледање филм од децата и потоа одржување дискусија и фил(м)ософска работилница (физички во Скопје и онлајн за децата низ Македонија). Годинава, деца од 9 до 11-годишна возраст, под менторство на Мартин Поповски, ќе го гледаат јапонскиот анимиран филм „Мираи“ и ќе дискутираат на избрана тема. Оваа работилница ја користи токму имагинацијата како импулс за детското автентично размислување (без наметнување туѓи ставови и гледишта) за важни прашања за семејството, љубовта, љубомората, разбирањето, емпатијата…
Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура, во соработка со Кинотеката на Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Шпанија во Скопје.

В.Д.