Фото: Маја Јаневска-Илиева

Образованието и воспитанието се два нераздвојни процеса, кои треба да се дополнуваат и надградуваат еден со друг, а не да се разидуваат. Но, за жал, се чини дека воспитанието е целосно запоставено, маргинализирано, тргнато настрана, поради што и се случуваат немили настани, како деновиве во Србија. По семејството, училиштето е втората средина во која учениците стекнуваат социјално искуство од животот, кое има ненадоместливо воспитно значење. Но дали е така и во реалноста? Педагозите, психолозите и организациите што работат со млади се едногласни дека е неопходно да го обновиме вредносниот систем ако сакаме да превенираме трагични настани како неодамнешниот во Белград

ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС НЕ Е САМО ПРЕДАВАЊЕ И ОЦЕНУВАЊЕ

Домашната и регионалната јавност се длабоко потресени и вознемирени од трагичниот настан во основното училиште во Врачар, во Белград, каде што 13-годишен ученик, во средата, со огнено оружје смртно застрела осуммина свои соученици и еден вработен во обезбедувањето. Незапаметената општествена трагедија што ѝ се случи на Србија не остава никого рамнодушен, дотолку повеќе што вакви или слични инциденти се случувале и претходно во регионот и пошироко. Се наметнуваат многу дилеми на кои граѓаните и јавноста бараат одговори, но клучното прашање е дали затаи воспитната компонента во образовниот процес. Зашто образованието и воспитанието се два нераздвојни процеса, кои треба да се дополнуваат и надградуваат еден со друг, а не да се разидуваат. Но, за жал, се чини дека воспитанието е целосно запоставено, маргинализирано, тргнато настрана, поради што и се случуваат вакви немили настани.
Во земјава и регионот во пораст се случаите на врсничко насилство, разни форми на психичко и физичко малтретирање, насилство преку социјалните мрежи, промовирање искривени вредности на општеството. Сето тоа може да се отстрани и превенира само со добро осмислен хармонизиран и синхронизиран воспитно-образовен процес. А тоа подразбира креирање заедничка воспитно-образовна стратегија со заеднички вредности во кои младите ќе веруваат и самите ќе се вградат. Стратегија со конкретни воспитни мерки и активности што ќе помогнат младите да се сплотат, наместо да се двојат и меѓусебно да се навредуваат и омаловажуваат.
Во суштина воспитувањето е процес на планско и системско усовршување на интелектуални, емоционални, морални и духовни својства и способности кај младите, но и кај возрасните. Со други зборови, воспитувањето е насочено кон изградба и формирање здрава човечката личност, во поширока смисла на зборот, и во корист на општеството.

Според педагозите, правилното воспитување подразбира љубов и топлина од една страна и дисциплина од друга страна. И тоа треба да се практикува од домот со родителите, преку образованието, па и понатаму во животот. Воспитанието и образованието треба да бидат насочени кон развојот на личноста и темелните човекови вредности: неприкосновеност на човековиот живот, индивидуалната слобода, интегритетот, достоинството и еднакви права за сите луѓе. По семејството, училиштето е втората средина во која учениците стекнуваат социјално искуство од животот, кое има ненадоместливо воспитно значење. Но дали е така и во реалноста?
Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во Македонија велат дека трагичниот настан во Белград е општествена траума од регионални размери.
– Сите сме потресени и колку повеќе и подлабоко размислуваме за случувањата, толку посвесни стануваме дека мораме да направиме радикални промени. Треба да почнеме пред сѐ од себеси, секој да се преиспита каков пример претставува за децата и младите, кои вредности им ги пренесува, без разлика каква улога има во општеството – родител, роднина, наставник, стручно лице, познаник, професионалец…Семејството е најнепосредната средина, домот на градењето на личноста и оттука почнуваме со градењето на вредносниот систем на децата – велат од „Меѓаши“.
Оттаму посочуваат и на нивната кампања, која секогаш е актуелна, „Дали денес го гушнавте вашето дете?“ и нагласуваат дека времето инвестирано во децата има најголем придонес.
– Образовниот систем е најсоодветниот, најмасовен и со тоа највлијателен дел од системот преку кој може да се влијае врз децата, младите, но и пошироко врз семејството и заедницата преку различни активности. Училиштето, па дури и градинката, е место каде што секојдневно децата и младите минуваат голем дел од времето и каде што стекнуваат важни животни искуства, градат односи, стануваат свесни за одговорноста, успехот, поддршката, неуспехот итн. Апелираме до сите возрасни, семејства, потесни и пошироки, спортски друштва, училишта и сите што имаат директен контакт со децата да им дадат можност на децата да поразговараат за овој, но и за други важни настани; да ги вратиме хуманоста, разбирањето, сочувствувањето како клучни вредности во нашиот вредносен систем. Неопходно ни е на сите да го обновиме вредносниот систем ако сакаме да превенираме трагични настани – велат од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Ѓорги Илиевски, виш просветен инспектор во пензија и педагог, вели дека со години повеќе се гледа на образовната компонента отколку на воспитната компонента во образованието.

– Воопшто не се занимаваат и наставниците и стручните служби (педагог, психолог итн), со потребите на децата. На сето тоа треба да работат службите, треба да имаат контакти со родителите, тоа е многу важно, не смее да има запоставеност на децата. Значајни се активностите на одделенскиот час, секој наставник треба да биде педагог. Не е суштината само да се предаде материјалот и да се стави оценка. Запоставувањето на децата во училиштата мора да се искорени, треба да има посебни интервентни програми за работа и дејствување. За жал, тоа го нема кај нас. Нема такви програми по кои треба да дејствуваат и работат, како во училиштето така и во слободните активности и во самото одделение. Запоставена е и соработката со родителите – вели Илиевски.
Во однос на прашањето за воспитната компонента во образовниот процес се обративме и до македонското „Монтесори здружение“, кое применува посебна монтесори-педагогија, за децата во целост да ги развиваат своите потенцијали.
Оттаму велат дека образованието на децата не подразбира само создавање услови за стекнување знаења и вештини туку, пред сѐ, поддршка на децата да се развијат во здрави личности што ќе имаат одговорен однос кон себеси, другите и кон општеството во целина.
– Наставните програми (како на пр. Општество, Животни вештини, мајчин јазик и сл.) и организацијата на училишниот живот даваат можност за организирање најразлични активности во таа насока. Тука, пред сѐ, се мисли на организирање работилници, предавања од страна на наставниците, стручната служба, самите деца и здруженија, институции што работат во одредени специфични области. Тоа што треба сите да се запрашаме е дали овие можности се максимално искористени од страна на училиштата. Но сметаме дека наставниците и од страна на системот и од страна родителите се ставени во ситуација да се фокусираат повеќе на остварувањето на едукативните цели и да го стават во втор план воспитниот момент – велат од македонското „Монтесори здружение“.
Оттаму нагласуваат дека децата се градат, пред сѐ, во семејството и затоа првиот повик за воспитување на децата треба да го упатиме до родителите.

– За жал, последниве години може да кажеме дека сме насочени да ги научиме децата на нивните права, слобода, но не ги учиме на нивните обврски, на тоа дека слободата треба одговорно да се користи. Пред децата се поставуваат минимални граници, а уште помалку се бара одговорност доколку границите се прекршат. Овој систем на слобода, граници и одговорност треба да го повратиме не само кај децата туку и помеѓу сите чинители на системот што го поддржуваат детето: родителите, градинките, училиштата, социјалните служби, креаторите на политиките – велат нашите соговорници од македонското „Монтесори здружение“.
Инаку, според одредени анализи од невладиниот сектор, околу 25-30 отсто од средношколците вршат одредено врсничко насилство спрема нивни врсници.
Како причина за ваквото деструктивно однесување се наведува желбата да се привлече внимание.
Заклучокот што се наметнува по сите овие согледувања е дека сите проблеми и аномалии во однесувањето на децата и младите мора навреме да бидат препознаени и отстранети. Тука клучна улога има воспитната компонента во семејството и образованието и нивната меѓусебна синергија за изградба на психофизички здрави и функционални личности.

[email protected].,mk