Лидерите на петте верски заедници во земјава – Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската заедница преку заедничко соопштение изразуваат загриженост за иднината на верниците особено за жените и децата со донесувањето на Предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост. Предлагаат повлекување на Предлог-законите и оставање временски простор за нивно сериозно проучување.
– Сметаме дека се неприфатливи легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет. Преку нивното донесување, наместо да се заштитат, се отвора можност за дискриминација токму на најранливите ‒ жените и децата! Впрочем, нашата најголема загриженост се однесува на намерата овој Закон да ги опфати и малолетните лица, односно децата. Промовирањето на различни родови идентитети и „флуидноста“ помеѓу нив, можат да предизвикаат непоправливи штети, особено кај тинејџерите, кои, вака упатувани и образувани, треба да минат низ процес на самоиспитување и испробување, несоодветен за нивната возраст – се наведува во соопштението од Архиепископ Охридски и Македонски Стефан, Реис-Ул-Улема Шаќир Фетаи, Скопскиот Бискуп и Епарх Струмичко-скопски, Киро Стојанов, Суперинтендент Марјан Димов и претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви.
Предлог-законот за родова еднаквост, се подвлекува во соопштението, отвора можност за загрозување на родителските права бидејќи предвидува, од аспект на родов идентитет, децата да бидат третирани еднакво како и возрасните.
– Поучени од актуелните случувања во земји, каде родовата идеологија е реалност со трагични последици, којашто сѐ повеќе предизвикува активен отпор кај родителите, психијатрите, психолозите и учителите, повикуваме на повлекување на Предлог-законите и оставање временски простор за нивно сериозно проучување, за запознавање со сите последици по психолошкото здравје на младите и за активно вклучување во разработката на такви закони на сето општество, а, пред сè, на родителите и на сета стручна јавност – посочуваат во соопштението.
Изворот на овој, како што велат, загрижувачки тренд го лоцираат во ратификувањето на Истанбулската конвенција, која, благородната цел на заштита на жените и децата, ја искористи како параван за затскриено наметнување на родовата идеологија.
Предлог-законите, како што наведуваат, во основа, им противречат на доктрините на сите верски заедници.
– Затоа, апелираме до сите релевантни субјекти сериозно да ја разгледаат можноста за повлекување на овој документ, по примерот на многу земји членки на ЕУ кои од него се дистанцираа, како што се: Турција, Чешка, Унгарија, Бугарија, Словачка, Литванија и Латвија, и кои сè уште не го ратификувале, односно некои го отфрлија токму поради неговата родова компонента – порачуваат лидерите на петте верски заедници.