Македонското друштво „Илинден“ – Тирана почна кампања под мотото „Главата горе – изјасни се дека си Македонец“, а она што е сега особено важно е Македонија како држава да ги охрабри Македонците во Албанија слободно да се изјаснуваат на претстојниот попис, но од друга страна да побара и од официјална Тирана да не дозволува никој да врши притисок врз македонското малцинство и да го принудува да се изјаснува поинаку. Тука главната улога треба да ја одиграат шефот на дипломатијата Бујар Османи и првиот вицепремиер Артан Груби, кои се покажаа особено успешни кога требаше да ја мотивираат дијаспората да се попише на пописот во Македонија, иако во согласност со практиките на Евростат дијаспора никаде не се попишува
Македонците во Албанија не смеат да бидат оставени сами да се бранат од нападите врз идентитетот
Асимилаторската политика што изминатите години интензивно ја спроведува Бугарија врз припадниците на македонското малцинство во соседна Албанија и во Косово е само уште една потврда дека нападите врз македонскиот идентитет се реалност пред која не треба да се затвораат очите, а уште помалку да се релативизира целата оваа операција и да се тврди дека никој не може да го загрози нашиот идентитет.
Поаѓајќи од основната теза дека асимилаторските политики отсекогаш биле процес што подразбира подолг временски рок, а не период од две до три декади, разбирливо е што изминативе деценија-две официјална Софија интензивно работи на идентитетско рекреирање на македонското малцинство каде и да се наоѓа во околните земји, со единствена цел таа операција да финишира со идентитетско обезличување на македонскиот народ во неговата сопствена држава.
Претставниците на македонското малцинство во Албанија одамна реагираат на ваквите асимилаторски политики што ги спроведуваат разни емисари од Бугарија, но се чини дека сега, во пресрет на пописот на населението во Албанија, овој притисок дополнително се засилува и се бара од Македонците во оваа соседна земја да се попишат како Бугари.
Од тие причини македонското друштво „Илинден“ – Тирана почна кампања под мотото „Главата горе – изјасни се дека си Македонец“, преку која се повикуваат сите Македонци во Албанија да се „изјаснат дека се Македонци и да го зачуваат својот македонски идентитет“.
– Ги повикуваме Македонците во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник, како и на целата територија на Република Албанија на пописот на населението во септември годинава без страв да се изјаснат дека се Македонци и дека мајчин јазик им е македонскиот. Така ќе го зачуваат својот македонски идентитет во Република Албанија – се вели во повикот.
Она што е особено важно, тоа е и Македонија како држава да ги охрабри Македонците во Албанија слободно да се изјаснуваат на претстојниот попис, но од друга страна да побара и од официјална Тирана да не дозволува никој да врши притисок врз македонското малцинство и да го принудува да се изјаснува поинаку.
Тука главната улога треба да ја одиграат шефот на дипломатијата Бујар Османи и првиот вицепремиер Артан Груби, кои се покажаа особено успешни кога требаше да ја мотивираат албанската дијаспора да се попише на пописот во Македонија, иако во согласност со практиките на Евростат дијаспора никаде не се попишува.
Овој пат Османи и Груби треба да ги искористат добрите конекции со актуелната албанска власт и да побараат на Македонците во Албанија да им се овозможи слободно да се попишат без оглед во кој дел на земјата да живеат, но истовремено, да апелираат до албанската влада да спречи притисоци и агитации од Бугарија, која отворено притиска македонското малцинство да се запише како бугарско.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека Македонија мора да покаже грижа за своите малцинства, во спротивно тие ќе се претопат.
– Македонија треба да се грижи за Македонците надвор од Македонија и тоа да биде системско решение со континуирана грижа и поддршка, а не ад хок акции, но притоа треба да се грижи сето тоа да биде во координација со домаќините и да биде само во заемен интерес – вели Пекевски.
Тој очекува од актуелните политичари во власта да се освестат и да покажат грижа за Македонците во соседните земји и дека токму досегашната повеќедецениска негрижа, всушност, ги отворила вратите за асимилаторските политики и од Бугарија, но и од другите соседни земји.
– Трагично е што Македонија одамна ги изгуби и силата и реномето, а и интересот да се грижи за македонските граѓани и нивните интереси надвор од Македонија. Матицата апсолутно се грижи за својот национален супстрат и кон организираните колективитети (друштва, групи, организации) и како индивидуалци, што се надвор од границата на матичната држава. Откажувањето од нашинците од прекуграничните поблиски или подалечни простори, значи само себенегирање и национална автоденоминација. Тоа ни се случува во поблиското минато, притиснати однадвор, при што ги сменивме дури и Уставот и преамбулата, и де факто и де јуре се откажавме од националната македонска супстанција што остана надвор од границите на нашата држава, а особено во соседните земји. Тоа е национална трагедија што сме присилени да ја преживуваме, а самите да ја „проголтаме“ во интерес на некаква европска иднина. Треба да ја прекинеме таа практика. Токму сега е моментот и да покажеме национална кохезија, почнувајќи од здравиот, нов приод кон највисокиот конститутивен акт, каде што македонското раскинато ткиво, во и надвор од матичната држава ќе почне да се врзува и заздравува.
Станува сѐ поочигледно дека на Груби и на Османи не им се важни Македонците во странство, освен ако не се етнички Албанци, и тоа го покажаа и докажаа многупати – потенцира Пекевски.