Украинскиот премиер Денис Шмихал денеска го повика папата Франциск да ја посети Украина и побара од него да помогне во враќањето на илјадниците деца одведени во Русија или на териториите окупирани од Русија по инвазијата на Москва.
Шмихал на прес-конференција во Рим рече дека одржал разговори во Ватикан и разговарал за украинската мировна формула за ставање крај на руската 14-месечна војна во Украина.
„Го замолив Неговата Светост за помош во враќањето дома на украинските деца кои беа приведени, уапсени, депортирани во Русија на криминален начин“, рече тој.
Киев проценува дека близу 19.500 деца биле однесени во Русија или на Крим окупиран од Русија од почетокот на инвазијата во февруари минатата година, што го осудува како нелегална депортација.
Москва, која контролира големи делови од источна и јужна Украина, негира дека ги киднапирала децата и вели дека децата биле земени заради нивна безбедност.
„Разговаравме за (украинската) мировна формула и потенцијалниот начин и помошта на Неговата Светост и Ватикан да се постигнат сите чекори од мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски“, рече Шмихал.
Папата Франциск (86) претходно изјави дека сака да го посети Киев, но и Москва во мировната мисија.