Авторката Камелија Шојлевска ќе ја потпишува детската книга „Магична зелена планета“ на Саемот на книгата во СЦ „Борис Трајковски“, на 6 мај (сабота) од 12 до 15 часот.

„Магична зелена планета“ е детска книга замислена како прва од серијата книги за деца на возраст до 10 години. Целта на книгата е да ги инспирира следните генерации и да им даде до знаење дека постојат безброј можности во животот. Целиот проект е нов начин децата да се поврзат со светот и да им се даде нова свежина која ќе допре до едни нови длабочини во децата и кај тие што се млади во срцата.

Јосиф Џолев е илустратор на книгата „Магична зелена планета“. Со неполни 11 години тој презема огромен чекор на имагинацијата да ѝ даде една реалност низ слика. Неговата идеја е дете за децата на светот. Тој живее на Исланд веќе осум години.
Тој е внук на писателката која воедно и бараше начин да укаже дека освен виртуелниот свет на компјутери и таблети постои и нешто друго, односно природата.

Желбата за подобар свет, повеќе присутност и свесност секокогаш била присутна во творештвото на Камелија Шојлевска. Тоа било видливо и во нејзините телевизиски емисии, нејзиното документарно творештво и во нејзиното пишување.

 

 

Нејзината книга наменета за децата до 7-8 години и нејзиното ангажирање во проектот на нејзиниот внук, кој тогаш има 10 години, е само доказ дека таа опстојува на својот пат за креирање на подобар свет во кој идните генерации ќе живеат во радост и славење на животот.

Нашата планета речиси и сме заборавиле дека постои, натоварени со предизвиците на сегашноста, а таа е тука со нас во целата своја убавина, магичност раскошност и благосостојба. Ние почнавме да живееме на планетата, а не со планетата, и тоа е и најсилната желба на авторката, да нѐ донесе во состојба на свест каде што уживањето со природата ќе стане наше секојдневие. Во тие убавини ќе го најдеме својот мир својата убавина животност и здравје.

Саломи е еден невообичаен лик изнедрен од мечтата на едно дете кое сѐ уште нема ограничувања. Тој му дава една таква слатка и љубопитна нота која е предизвик за секој ум кој ќе ја чита книгата.

Издавач на книгата е „Магор“, со поддршка и од Министерството за култура.

Втората книга на која се работи ќе го носи насловот „Неговото височество сонцето“.