Неколкупати досега Стопанската комора, преку својот претседател Бранко Азески, укажуваше на потребата од обезбедување сопствени извори на енергија. Од Комората велат дека „сѐ било попусто и ништо не се преземало, поради што е време да се постави прашањето за одговорноста“! Оттаму велат дека компаниите не се виновни за сегашната состојба во енергетскиот систем, дека тие не учествувале во приватизацијата, поделбата на средствата, партизацијата. Тие порачуваат дека „не смее да се остават компаниите сами да се снаоѓаат во енергетската криза“, односно дека „се потребни гаранции во редовното снабдување со електрична енергија“. Поддршката за малите и средните претпријатија е во ред, велат оттаму, но што ќе правиме ако ја изгубиме локомотивата на развојот…
Истражување на Стопанската комора потврдува дека домашната економија нема да издржи нов енергетски удар
Македонските компании се соочија со високи трошоци на производство поради високата цена на електричната енергија во текот на енергетската криза. Порастот на трошоците на работењето во компаниите се зголемил онолку колку што производството зависи од учеството на струјата во формирањето на конечната цена на производот или услугата. Најголемо влијание на цената на струјата имало во компаниите во металургијата, со пораст на трошоците во работењето од 450 отсто, во земјоделството и преработувачката дејност од 75 отсто, во хемиската индустрија од 250 отсто, а најмалку во текстилната индустрија, поради ниското учество на електричната енергија во производствените трошоци. Резултат од скапата електрична енергија е намалување на производството, а и конкурентноста на компаниите, што сериозно се одрази и на вкупната национална економија, која оствари ниски стапки на раст во минатата година. Ова се заклучоците од истражувањето направено од Стопанската комора на Македонија, врз основа на анкетни одговори што се добиени од над сто македонски компании, во кои се вработени над 45 илјади работници.
Ризикот од нов „енергетски шок“ сѐ уште не е надминат
Високата цена на електричната енергија, која моментално се стабилизира на ниво од 100 до 150 евра за мегават-час, и понатаму е сериозен проблем за тековното одржување на производството за компаниите што се снабдуваат на слободниот енергетски пазар. Ризикот од нов „енергетски притисок“ сѐ уште не е надминат поради неповолните услови што владеат на глобалниот пазар. Привременото смирување на цената, но на повисоко ниво, е последица на намалената побарувачка за енергија поради намалената економска активност во Европа. Неизвесноста околу цената на струјата е присутна поради два фактора: затворањето на нуклеарните електроцентрали во Германија и нискиот водостој на реките за производство на енергија од хидроцентралите, беше посочено на вчерашната седница на Македонската енергетска асоцијација.
– На меѓународните берзи на електрична енергија има нова реалност, а тоа значи дека не постои една фиксна цена. Ако порано имаше дневни и годишни осцилации на цената на мегават-час од 10 до 15 отсто, сега имаме дневни скокови на цената од 100 до 150 отсто. Прашањето за цената се однесува за тоа во кој ден се купува таа струја. Ова е поради тоа што има експанзија на вклучување нови фотоволтаични централи, поради што има и големи осцилации на цената на електричната енергија на дневно ниво. Македонските компании мора да бидат свесни за таа нова реалност и да се приспособуваат. Зголеменото градење фотоволтаични централи во Македонија е добро, но тоа треба да се гради и плански. Веќе сме доведени во состојба кога имаме издадено градежни дозволи за нови капацитети од 500 до 600 мегавати, што во иднина би било проблем како ќе се прифати таа енергија. Вториот аспект се однесува на тоа што многу од компаниите што влегуваат во инвестиции на фотоволтаични централи ќе „врзат“ капитал во вредност од 500 милиони евра, а некои и со кредити, со намера таа инвестиција да им се врати брзо. Но треба да се биде внимателен, затоа што исплатливоста на инвестицијата може да биде на подолг рок – вели Кочо Анѓушев, раководител на Македонската енергетска асоцијација.
Како заклучоци што треба да произлезат од Стопанската комора на Македонија се да се поддржи диверзифицирано производство на струја од повеќе домашни извори на енергија, изградба на нови хидроенергетски капацитети заради балансирање на цените, интензивирање на изградбата на батериски системи за прифатот на вишокот енергија од фотоволтаиците и ветерниците, магистралните гасоводи да се стават во целосна функција со приклучок и на градските мрежи.
Компаниите ја платија цената од неодговорното однесување на државните институции
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, смета дека компаниите ја платија цената од неодговорното однесување на државните институции во однос на препораките и заклучоците што доаѓаа од бизнис-заедницата пред да ни се случи енергетската криза од минатата година.
– Неколкупати укажувавме на потребата од обезбедување сопствени извори на енергија. Но ништо не се презеде. Време е да се постави прашањето за одговорноста. Компаниите не се виновни за сегашната состојба во енергетскиот систем. Не учествуваа во приватизацијата, поделбата на средствата, партизацијата. Не смее да се остават компаниите сами да се снаоѓаат во енергетската криза. Потребни се гаранции во редовното снабдување со електрична енергија. Поддршката за малите и средните претпријатија е во ред, но што ќе правиме ако ја изгубиме локомотивата на тој развој, ако се запостават енергетиката и инфраструктурата, која е крвотокот на секоја економија – вели Азески.
Главниот удар од високата цена на струјата го претрпе македонската металургија, цените во просек одеа над 400 отсто.
Ацо Поповски од металургискиот сектор предупреди на фактот дека нашата држава не е навикната да им помага на големите компании, зашто мислат дека имаат капацитет да се снајдат и во услови на енергетска криза,
– Компаниите се снаоѓаат, но беа принудени и да ги затворат погоните, за да не го продлабочат негативното работење, што се одрази и на БДП. Малите компании секако се потребни, но големите мора да бидат под постојан надзор како да го решаваат проблемот со енергетиката. Како држава доцниме со енергетиката како долгогодишен проект. Порано од сектори од МАНУ излегуваа со одредени стратегиски проекции за секоја област. Во последните години немам видено што се планира во Македонија во следните 20 години во енергетиката. И досега флексибилно ја поминавме минатата година и претходно со ковид-кризата. Ќе се види дека компаниите сами се снаоѓаат. Не може ваков сектор самостојно да се снаоѓа во сите ситуации. Второ, што правиме со работната сила. Треба да се планира долгорочно, на пример во периодот на евтина струја да се ангажираат дополнително работници, а нема ни расположливи стручни работници на пазарот. Пораката е да не се оставаат големите компании, но добро е што навреме ги иницираме овие прашања – изјави Поповски.
Предлози што произлегуваат од бизнис-заедницата е да се направат навремени согледувања за издржливоста на постојната преносна мрежа за прифаќање на новите избори на енергија, од причина што тие капацитети ќе бидат распоредени на повеќе локации низ земјата. Покрај ова, од стопанските субјекти се бара и намалување на увозните давачки за инсталирање на зелената технологија, по примерот на Словенија, каде што има пониски царини за увоз на кинески производи, а кои се водечки во примената на обновливи извори на енергија. М.Ј.