Хрватската јавност загрижена

По повод одбележувањето на Денот на планетата Земја, големо внимание во хрватската јавност деновиве предизвика обраќањето на Наташа Калауз, извршната директорка на ВВФ (World Wide Fund for Nature), глобална организација за заштита на природата и еден од најгласните борци за заштита на природата повеќе од половина век.
– Додека не почнеме да сфаќаме дека тоа е нешто што многу ќе нѐ повреди, не знам колку ќе бидеме подготвени за промени. Покрај природните катастрофи и екстремните временски услови, поради климатските промени имаме зголемен притисок и врз јавниот здравствен систем. На пример, сезоните на алергии се издолжени неверојатно. Имаме значително поголем број луѓе што страдаат од здравствени проблеми поради алергии, кои се директно поврзани со климатските промени. Потоа имате влез на инвазивни видови во одредени мориња, каде што никогаш досега не биле и ги загрозуваат резидентните видови – изјави Калауз.
Споменатата организација ВВФ моментално работи во повеќе од сто земји на шест континенти со помош на повеќе од пет милиони члена, а Наташа Калауз додаде дека постојат проекции дека веќе во 2050 година во Јадранско Море нема да има риба.
– Значи, имаме можеби уште 20 години да јадеме риба, а потоа нашите деца нема да имаат риба во Јадранско Море, барем не како што ја имаме денес. Проблемот со прекумерниот риболов е целосно надвор од контрола – додаде таа.
Калауз во оваа пригода го посочи прашањето за сечењето на шумите, што последователно доведува до големи поплави и одрони.
– Природата е закон на поврзани садови. Ако елиминирате една работа, ги загрозувате целиот поредок и екосистем. Човекот е само дел од тој екосистем – предупредува Калауз.
Зголемувањето на бројот на заболени од хипертензија е директна последица на климатските промени, вели таа.
– Значи, луѓето умираат поради климатските промени. Само минатата година во Европа поради овие последици загинаа 15.000 луѓе. Проблемот со хипертензијата е во првите три проблеми и причинители на смртност. Сосема е јасна корелацијата помеѓу порастот на температурите и болестите што се директно поврзани со ваквите проблеми. Треба сериозно да размислиме за нашата даночна политика, која систематски поттикнува непожелни форми на економски развој. Ние не инвестираме во знаење или технологија, не поттикнуваме зелен бизнис. Преку избори бараме од нашите носители на одлуки да се посветат на теми што се актуелни. Треба сериозно да размислиме каква храна јадеме. Луѓето мислат дека нафтената индустрија е главниот загадувач, но прехранбената индустрија е најголемата причина за емисиите на ЦО2 денес – изјави во јавноста Наташа Калауз, извршната директорка на ВВФ (World Wide Fund for Nature).

Подготвил: Mарјан Велевски