На 30 април, со почеток од 13 часот, во паркот „Ибни Пајко“ ќе се одржи седмото издание на големиот целодневен џез-хепенинг под наслов „Today It’s All About Jazz“, организиран од Здружението за џез-музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје. Меѓународниот ден на џезот е прогласен во 2011 година од Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации, со цел да се истакнат џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот. Овој ден се слави секоја година на 30 април, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добрата волја на УНЕСКО, Херби Хенкок. Со Денот на џезот претседаваат Хенкок и генералниот директор на УНЕСКО. Прославата е забележана во календарите и на УНЕСКО и на Обединетите нации.
Здружението на џез-музичари по седми пат го организира централниот настан што го одбележува Меѓународниот ден на џезот во земјава. Изминативе шест години на сцената настапија огромен број имиња, некои од нив мегапопуларни, а некои пак тука ги направија првите чекори во џез-музиката. Годинава нè очекува целодневен хепенинг на кој ќе настапат следните музички имиња: Џез за деца и млади, квартет „Акварела“, „Никола Бочваров квартет“, „Филип Динев трио“ (Филип Динев, Тилман Обербек, Јан Цајмец), „ЗЏМ биг бенд“ – проект „Запа“, „Јуре Пукл орган трио“ (Јуре Пукл, Марко Чрнчец, Крис Смит), Адедџи.
Денот на џезот започнува со програма за најмладите. Со почеток од 13 часот, ќе се одржи креативна џез-работилница за деца од 4 до 11 години, која ќе ја води пијанистот и композитор Гордан Спасовски. Децата учесници ќе се запознаат со основите на џезот, со музичките инструменти (ритам-секција: пијано, бас, тапани, гитара, солистички инструменти), но ќе бидат дел и од процесот на создавање музичка џез-композиција, која на крајот ќе биде изведена пред публика. Следува настап на младинскиот џез-состав, во кој членуваат Петар Марков-Маруш (гитара), Давид Ѓоргиев (тапани) и Симеон Будро (бас). „Филип Динев трио“ e најновиот авторски проект на македонскиот гитарист и композитор Филип Динев, кој го реализира во соработка со Тилман Обербек на контрабас и Јан Цајмец на тапани/перкусии. Триото настанува во Хамбург и претставува еден од најавтентичните и најактивните музички џез-состави во регионот. Квартетот „Акварела“ е група што од неодамна работи во Скопје. Составена е од Јани Костурски (вокал), Павел Ренџов (тапани) и парот добро познати музичари на македонската сцена Ѓоко Грујовски (гитара) и Маја Капсарова (бас). „Квартетот Никола Бочваров“, покрај Бочваров кој е лидер на бендот, го сочинуваат Стефан Алексовски на клавијатури, Иван Петровски на гитара и Александар Ванчовски на тапани. Јуре Пукл е словенечки џез-музичар (тенор и сопран саксофон, бас-кларинет, композиција), кој свири модерен џез. Марко Чрнчец е еден од најпознатите современи музичари и најреномираните словенечки музичари, со седиште во Њујорк. На меѓународната сцена тој е познат како мултиинструменталист, композитор, аранжер и продуцент што лесно се движи низ жанрови, особено низ џез, класична и популарна музика. Крис Смит е професор на Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Адедџи е нигериски пејач, гитарист, композитор, аранжер и мултиинструменталист. Неговиот бенд составен од девет луѓе вклучува некои од најдобрите студиски музичари од Нигерија, најгруви ритам-секција, прекрасни машки и женски придружни вокали и неверојатна дувачка секција, кои го дополнуваат афробит-звукот. Оркестарот „ЗЏМ биг бенд“ е единствен оркестар од ваков тип во нашата држава. За оваа пригода ќе го изведе проектот „Запа – неповторливиот Френк Запа“.