„Свештеник не ја бакнува иконата на Христос кога проповеда со таква топлина и воодушевување како што Гоце ја бакнуваше својата кама пред да ја стави во нејзината футрола“ – Ѓорче Петров
Кама е оружје што било користено или се користи од страна на народите од Кавказот, Блискиот Исток и Балканскиот Полуостров. Името на ова ладно оружје најверојатно потекнува од адигејскиот збор кама, што означува нож или бодеж. На Балканскиот Полуостров, вклучувајќи и во Македонија, камата како оружје пристигнува по проширувањето на Османлиското Царство. Во 16 век, османлиските ками биле симбол на моќната османлиска аристократија, а таа во тој период се состоела од еднострано сечило, кое на врвот било закосено, рачката била тесна со топчест врв. Честопати сечилото, рачката и футролата биле украсувани со орнаменти, изработени од сребро или злато, а на сечилото понекогаш се сретнувале и натписи со арапско писмо. Ваквиот дизајн и украсување на камата требало да го претстават престижот на сопственикот во османлиското општество.
Во 18 век, османлиската кама го променила својот изглед и се состоела од долго двострано сечило, со тесна рачка, која на врвот и на крајот можела да има орнаменти во вид на тркалезни топки, меѓутоа тоа било реткост. Во тој период сечило, рачката (дрвена) и футролата (кожена) биле украсувани со орнаменти изработувани од сребро, а димензиите ѝ биле од 54 до 48 см. Ваквиот дизајн и украсување на камата укажуваат дека за разлика од поранешниот период, камата станала украс и вооружување на ситната османлиска аристократија.
Османлиите по освојувањето на Балканскиот Полуостров, меѓу покорените народи го наметнале и сопственото вооружување. Камата уште во раното османлиско владеење станала составен дел од вооружувањето на ајдуците, арамбашите и војводите. Голем дел балкански народи во текот на борбите за ослободување од Османлиското Царство ја користеле камата како симбол за агитација во борбата за слобода. Ѓорче Петров нагласува дека македонските револуционери ја користеле камата како моќно средство за изразување на самоувереноста и симбол на револуционерната дејност на Македонската револуционерна организација (МРО).
Особено е интересно следното искажување на Ѓорче: „Свештеник не ја бакнува иконата на Христос кога проповеда со таква топлина и воодушевување како што Гоце ја бакнуваше својата кама пред да ја стави во нејзината футрола… Камата, неговиот (Гоцевиот б.н.) најсилен инструмент, беше моќно средство за изразување на самоувереноста и терористичката дејност на организацијата, затоа што со неа можеше да се користи само човек со полна самоувереност… Камата одигра крупна улога во животот на организацијата во прво време, а пушката подоцна… Гоце ја опеваше камата како оружје на теророт во организацијата и дејствуваше со неа како агитатор… Камата како најсигурен инструмент на двојна смрт (убиство и евентуално самоубиство) дејствуваше без грешка и како симбол на самоувереност беше предодредена да игра и воспитна улога за создавање кај работниците дух на самоувереност и саможртва, затоа Делчев ја засака, ја избра и ја претпочиташе пред револверот“.
Според Ѓорче Петров, во редовите на македонските револуционери имало вистински мајстори на камата. Меѓу нив бил и Спиро Келиманов од Штип, кавалерот на камата, лично создаден од Гоце Делчев. Тој го извадил од дното на општествената кал и создал од него легендарен херој. Келиманов обично ги фаќал жртвите за десната рака со својата лева рака и кога жртвата не сакајќи ќе ја дигнала левата рака за одбрана, Келиманов ѝ ја забивал камата право во срцето. Ако не ја погодел во срцето, а тоа ретко му се случувало, тој ја пуштал жртвата со преубедување дека човекот имал дни за живот, посочува Ѓорче Петров.
Меѓу револуционерите што ја користеле камата бил и Нечо од Битола. Ѓорче Петров посочува дека овој македонски револуционер ја забивал камата само откако ќе ја легнел жртвата и ја притискал со коленото, но пред да ја забие камата, се прекрстувал, бидејќи бил побожен и допуштал убиство само кога тоа се правело за народот.
Д. Ст.
Особености на камата
Камата е долга од 30 до 50 см, со двoстрано сечила, кое е тесно и долго. Напречниот пресек на сечилото е лентикуларен, а постепено се стеснува до врвот. На рачката е тесен, без премин, со масивен врв. Камата се носи во футрола поставена на појасот или вратот. Таа се користела како додаток во облекувањето, како продорен ефект, односно целта била да се остави впечаток меѓу присутните, меѓутоа нејзината првенствена цел е да се користи во блиска борба како остро оружје. Постојат неколку вида, а меѓу нив се азербејџанска, ерменска, грузиска, дагестанска и др. Азербејџанската има различни орнаменти, а нејзините украси може да бидат нанесени на сечилото или рачката, цртежи на ножот обично се мотиви од природата или религијата. Ерменската е црна кама со издолжена глава, а тоа ѝ дава форма на источна арка. Деталите на ножот се изработени од челик, а орнаментите се најчесто во форма на лалиња. Грузиската кама е кратка и широка, рачката е сребрена или метална, украсена е со врежани орнаменти во облик на цветни ливчиња. Оваа кама исто така може да биде украсена од разни фигури изработени од злато и сребро. Дагестанската кама има многу издолжена глава и е слична на ерменските ками. Камите изработени од страна на дагестанските мајстори отсекогаш се сметале за најдобри на Кавказот.