Велигден е еден од најважните христијански празници, кој се празнува во знак на сеќавањето на Исусовото воскресение. Над две милијарди луѓе низ светот го слават Велигден, а овој голем празник предизвика многу необични традиции во различни земји. Секоја држава има свои интересни велигденски традиции.
Оган како симбол на нов живот
Во Ирска, на некои места сè уште се практикува да се запали ритуален оган во недела на Велигден. Точното потекло на овој обичај не е познато, но се верува дека потекнува од древните келтски обичаи на палење оган за да се прослави доаѓањето на пролетта и да се изрази благодарност до боговите за изобилството.
Бидејќи подоцна, во христијанската традиција, велигденскиот оган стана симбол на нов живот и воскресение, овој обичај денес ги симболизира Христовото воскресение и победата над темнината и смртта. Ирскиот ритуален оган обично се пали на самиот Велигден, а околу него луѓето се собираат, се дружат, играат и пеат.
Една специфична велигденска традиција се одржува на островот Крф во Грција, а на грчки се нарекува „Ботидес“. На Велика сабота наутро, Грците фрлаат глинени бокали, садови и чинии низ прозорецот. Бокалите и чиниите се подготвуваат однапред и се полнат со вода, а се украсуваат со традиционални мотиви. Овој обичај влече корени од старогрчките обичаи за славење на пролетта и плодноста, бидејќи се верува дека фрлањето бокали ги симболизира отфрлањето на негативноста и чистењето на душата за нов почеток. Исто така се верува дека звукот на кршење бокали ги истерува злите духови и носи среќа и просперитет во домовите на островјаните. Оваа церемонија е придружена со музика, песна и игра, а привлекува многу туристи, на кои им се советува да земат парче од скршен бокал и да го чуваат во текот на целата година за да им донесе среќа.
Во англиското село Халатон, секој велигденски понеделник, повеќе од 200 години, се одржува необична традиција. Првиот дел од традицијата започнува така што се благословува пита од зајачко месо и се крши пред толпата, а вториот дел вклучува три буриња пиво, кои се фрлаат на земја додека тимовите се обидуваат да ги задржат во нивна сопственост што е можно подолго и да ги држат што подалеку од другите натпреварувачи.
Според легендата, оваа традиција настанала кога бик сакал да нападне жена на рид, но се појавил зајак, му го одвлекувал вниманието и таа побегнала. Нејзините сограѓани потоа почнале да ѝ плаќаат пари на локалната црква како начин да му се заблагодарат на бога што го испратил зајакот, а викарот за возврат им давал пита со зајачко, леб и пиво во понеделник на Велигден. Бидејќи во Халатон често имало сиромаштија, како и во соседното село Медбурн, една година им било украдено пиво на Халатонците и настанал конфликт, кој денес се игра во вид на оваа традиција и натпревар со пивски буриња.
Дружење со претседателот и будење на природата
Во САД, поточно во градот Вашингтон, пред Белата куќа се одржува традиционална церемонија на тркалање јајца. Оваа традиција започна како реакција на законот донесен од Конгресот, кој им забранува на децата да си играат на теренот на Капитол хил бидејќи го уништуваат тревникот.
Во 1878 година, претседателот Радерфорд Б. Хејс рече дека ќе им дозволи на сите деца што сакаат да одат во Белата куќа и да тркалаат велигденски јајца. Оттогаш претседателските семејства учествуваат во оваа традиција, се забавуваат со своите деца и се дружат со граѓаните.
Во Финска традиционалните велигденски обичаи се вкоренети уште од претхристијанската ера, а денес тие се зачувани главно во руралните делови на земјата. Еден од нив е обичајот да се удира со гранчиња од врба. Според традицијата, децата одат од куќа до куќа носејќи гранчиња украсени со цвеќиња. Додека ги пеат велигденските песни, тие удираат во земја со гранчињата, што го симболизира будењето на природата по зимата, а за возврат добиваат слатки и велигденски подароци.
Во Италија празникот се слави со семејството, со богата трпеза, на која се задолжителни јагнешко месо, колач пасквалина, солено јадење со спанаќ и јајца.
Во Србија, на пример, на Велигден се јаде јагнешко само ако пред него се празнува Ѓурѓовден.
Во Франција по задолжителната семејна велигденска миса се започнува лов на јајца, кои домаќинката или некој од домаќините ги скрил во градината или во куќата рано наутро или ноќта пред празникот. За оваа пригода се прават и специјални чоколадни јајца, кои претставуваат награда за пронаоѓачот. Обичајот на лов на јајца се проширил од Франција во другите европски земји, како и во Америка.
Сите земји имаат заеднички обичај на кршење со јајца, еден вид натпревар за цврстина на јајцата. Оној чие јајце останува недопрено, го зема јајцето на противникот со испукана лушпа како награда.
На Велика сабота наутро, Грците фрлаат глинени бокали,
садови и чинии низ прозорецот
Фото: ЕПА