Лекарската комора најостро ги осудува јавните вербални напади и навреди врз лекарите и лекарската професија, како и неоснованите обвинувања за сторена лекарска грешка и истакнува дека атмоферата што се креира во јавноста покажува дека е потребно итно носење посебен закон за заштита на докторската дејност, со кој ќе бидат регулирани правата и обврските на докторите.
– Докторите од болницата во Битола, кои беа вклучени во лекувањето петгодишно девојче, се изложени на огромен притисок иако инспекцискиот и стручниот надзор досега не утврдија пропусти во стручната работа. Докторите од „Жан Митрев“ беa изложени на навреди и вербални напади пред Кривичниот суд, што секако не е атмосфера во која се почитува правото на пресумција на невиност како осново човеково право. Секојдневно во медиумите се истакнуваат имиња на доктори што биле вклучени во лекување пациенти, наведувајќи на тоа дека сториле некаква лекарска грешка, без притоа да постои одлука на надлежна институција – соопшти Лекарската комора.
Комората ги осудува овие настани за кои смета дека предизвикуваат сериозно вознемирување, згрозување и нарушување на достоинството, угледот и интегритетот на професијата, што, според нив, е крајно недозволиво во услови кога најрелеватните меѓународни организации истакнуваат дека здравствените работиници се најважниот фактор на здравствениот систем поради што треба да бидат заштитени и предупредуваат на глобален недостиг на овие профили на пазарот на трудот.
– Атмосферата што постои кај нас создава јавно мислење дека сите лекари во земјата работат нестручно и несовесно, што целосно не е точно бидејќи повеќето од нив својот професионален и приватен живот го посветиле на својата професија и одговорно, стручно и посветено секојдневно укажуваат здравствена заштита и се грижат за здравјето на голем број пациенти во условите што постојат во здравствениот систем. Загубата на живот на пациент е тежок удар за секој лекар, што никогаш не може целосно да се надмине – смета Лекарската комора.
Од таму апелираат поединците, кои не се компетентни, да се воздржат од јавни коментари, кои само ги засилуваат нападите и говорот на омраза. Комората ги охрабрува институциите соодветно и ажурно да постапуваат во сите случаи кога ќе се утврди пропуст во лекувањето, но соодветна казна да има и во случаите кога докторите неосновано се напаѓаат.
– Истакнуваме и дека пациентите и лекарите се дел од еден ист систем, во кој може да се обезбеди рамнотежа единствено ако институциите во државата еднакво застанат во одбрана на правата и на едните и на другите. Во овој момент законски се регулирани само правата на пациентите, а законот за лекарска дејност, во кој покрај обврските, би се уредиле и правата на лекарите, и покрај долгогодишните многубројни иницијативи, сѐ уште не е донесен – велат од Лекарската комора и апелираат законот со кој лекарската дејност се смета за дејност од посебен општествен интерес да биде итно донесен.