Пресингот на јавноста, пред сѐ ефектуирањето на протестот на Здружението на археолози на Македонија, резултираше групата пратеници-предлагачи да го повлечат предлогот за измени на Законот за заштита на културното наследство од сетот на деветте закони што треба да претрпат измени за да се овозможи побрза изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10Д, во изведба на конзорциумот „Бехтел-Енка“. Со повлечениот предлог за измена на законот требаше да му се овозможи на странскиот инвеститор да не ја прекинува работата доколку наиде на археолошки наоди или артефакти. Археолозите, непосредно пред почетокот на седницата, на протест предупредија дека пратениците ќе направат кривично дело доколку гласаат за измените, зашто со нив се озаконува уништување на културното наследство и се прекршуваат низа домашни закони и меѓународни договори и ратификации. Сепак, археологот Силвана Блажевска, кустос-советник во националната установа „Стоби“, предупредува дека со повлечениот закон не се отстранети сите опасности за загрозување на археолошкото културно наследство, а стапиците се кријат во Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање
Предлогот за измени на Законот за заштита на културното наследство беше повлечен од собраниската процедура за измени на деветте закони, во интерес на поголема ефикасност за изградбата на коридорите 8 и 10Д. Кој дел од законите што влегоа во Собрание, за изградба на автопатишта во Македонија, беше причина за реакцијата на археолозите, односно на Здружението на археолози на Македонија?
– Археолозите, се разбира, реагираа во врска со предлогот на пратеничката група за измени во Законот за заштита на културното наследство, еден од деветте закони што беа на дневен ред во Собранието предвидени за измена заради т.н. „ефикасно изведување на работите на изградба на коридорите 8 и 10Д‟. Со предлогот се бараше вметнување еден став во членот 65, со што се исклучува самиот член 65, но и членовите 66, 67 и 129, кои ја регулираат постапката при случајно откритие на археолошко наоѓалиште или предмети со археолошко значење.
Со тоа бараа не само заобиколување туку целосно игнорирање на Законот на заштита на културното наследство, надлежните институции и целиот воспоставен систем на заштита, што е без преседан во една современа држава. Обидот да се пренесат ингеренциите за заштита на археолошките наоѓалишта по трасата на коридорите 8 и 10Д на надзорниот инженер нема да го коментирам. Да не е трагично, ќе беше смешно. Ако не беше повлечен предлогот, ќе покажевме дека ние не сме ниту современа ниту демократска држава во која владее правен поредок. Малку фалеше, одлучувачките структури во државата да дозволат тотално и бескрупулозно уништување на културното наследство.
Неспорно е дека добрата инфраструктура е од голема важност за државата и за граѓаните, ама и историјата и културата на државата се од исто толку голем јавен интерес. Во нормалните држави во светот се менуваат траси на важни автопатишта доколку е загрозено културно наследство или, пак, доколку студиите за оправданост покажат дека изградбата ќе има негативен ефект на природната средина или загрозува ендемски видови на флора и фауна. Кај нас се бара да се гради без проект, а студиите за влијанието врз животната средина, природното и културното богатство се очигледно непознати зборови.
Незамисливо е како е воопшто можно вакво нешто да се предложи од пратеници во Собранието, законодавен дом што треба да ги штити интересите на граѓаните и државата.
Не може да се каже дека ова е обид да се намали значењето на „историски важниот проект за државата‟, а притоа со неговата изведба да се урниса правниот систем со игнорирање на не еден туку девет закони и да се дозволи губење на непроценливи информации и предмети од значење за историјата и културата.
Не сме единствена држава во светот што гради патишта. Оние што одлучуваат, треба само да ја дигнат главата и да ги согледаат бенефициите од повеќе истражени, заштитени и презентирани локалитети. Не мора да бараат далеку, доволно е да погледнат во соседството. Ќе го земам за пример јужниот сосед, кој исто така презеде огромни инфраструктурни зафати, но во ниеден момент не им падна напамет да ги заобиколат сопствените закони или да уништат археолошки локалитети. Напротив, големи и значајни откритија се најдени во текот на заштитните ископувања преземени при изградбата на патиштата, кои сега се туристички атракции покрај црните ленти асфалт, а предметите привлекуваат милиони посетители во музеите.
Сепак, очигледно преовладеаја свеста и разумот, па предлогот беше повлечен.
Целото интервју прочитајте го во печатеното издание на „Нова Македонија“ од 12 април 2023 година