Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Ако работната недела не се зголеми од 40 на 60 часа во период од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, Владата се обврзала да му плаќа огромни пенали на американско-турскиот конзорциум, изјави вечерва потпретседателот на опозииската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој, во гостување на Сител, рече дека имал увид во договорот што Владата го потпишала со „Бехтел и Енка“ и дека ова ексклузивно го соопштува. Тој, повикувајќи се на договорот, рече дека „ќе се плаќаат пенали по три основи доколку времетраењето на работната недела не се смени во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот“.

– Прво, државата еднократно ќе ѝ исплати на Бехтел 53 милиони евра пенали. Понатаму, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1.265.000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот. На ова дополнително ќе треба да се платат уште 900.000 евра секој месец – изјави Николоски.

Тој вели дека „Владата се обврзала и на тоа за секоја делница да се даваат по дополнителни шест месеци рок на изградба“, со што, како што додаде, „тие пет години во коишто беше споменувано дека ќе се завршат делниците, ќе станат седум и пол години“.

Николоски, иако рече дека имал увид во договорот, сепак ја повика власта да каже дали ваквите наводи се точни.

Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д Владата го потпишаа на 8 март годинава. Пратениците денеска ја усвоија потребата од носењето на измените на вкупно осум закони по скратена постапка и тоа: за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за работни односи, за шумите, за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.