Педесет години од смртта на Пабло Пикасо
Со голем број манифестации и изложби во текот на 2023 година низ светот ќе биде одбележана 50-годишнината од смртта на прочуениот шпански уметник Пабло Пикасо. Кај нас, годишнината ја одбележи „Остен“ со еднодневна изложба на керамики, цртежи и графики од Пикасо. За седум децении плодна работа, Пикасо создал илјадници слики и скулптури во многу авангардни стилови. Се вбројува меѓу најуспешните светски уметници, а вредноста на неговите дела се проценува на стотици милиони долари.
Оваа година се одбележува педесетгодишнината од смртта на познатиот уметник со низа специјални изложби, кои под мотото „Пикасо селебрејшн 1973-2023“ ќе бидат отворени во неговата татковина Шпанија, во Франција, Германија, САД и во други земји. Годината на Пикасо почна со две изложби во Мадрид уште лани во септември, а продолжи со поставки во „Музејот на Пикасо“ во Германија, во „Монмартр музејот“ во Париз, Кралскиот музеј во Брисел, како и изложбата во музејот на уметност „Метрополитен“ во Њујорк.
Сината и розовата фаза
Роден е на 25 октомври 1881 година во Малага, на југот на Шпанија. Неговиот татко бил уметник и заработувал со сликање птици и животни и како професор по уметност. Токму тој почнал да го учи својот син да црта кога Пабло имал седум години. На 13-годишна возраст, Пикасо ги започнал студиите во уметничко училиште во Барселона каде што предавал и неговиот татко, а две години подоцна ја создал својата прва слика со голем формат, масло на платно наречено „Првото причестување“, која била изложена на градска изложба. Токму оваа слика се смета за негово прво ремек-дело. Од 1897 година ги продолжил студиите на Кралската уметничка академија во Мадрид. Но Пикасо претпочитал да ги проучува уметничките дела изложени во познатиот музеј „Прадо“, каде што го фокусирал своето внимание на сликите на Веласкез, Рембрант, Вермер и Гоја. На почетокот на новиот век, Пикасо се преселил во Париз.
Уметничкиот живот на Пикасо може да се подели во многу фази. Неговиот прв творечки период, познат како сина фаза, траел од 1901 до 1904 година, поттикнат од самоубиството на неговиот пријател, шпанскиот поет Карлес Касагемас. Првата слика од тој период, „Смртта на Касагемас“ (1901), ја открива мрачната атмосфера и сините нијанси што ја карактеризираат. Потоа следувала розовата фаза (1904-1906), во текот на која сликите на Пикасо се карактеризирале со нијанси на розова, светлосина и портокалова боја. Тогаш е создаден и „Портретот на Гертруда Штајн“, набрзо откако сликарот ја запознал американската писателка и колекционерка на уметнички дела. Оваа фаза се смета за посреќен период во животот на уметникот, кога ја запознал Фернанда Оливие, француска уметница, која подоцна станала негова муза и љубовница.
Автор на пионерското дело на кубизмот
Со контроверзното дело „Госпоѓиците од Авињон“ создадено помеѓу 1906 и следната година, Пикасо стекнал светска слава како лидер на современата уметничка сцена. Оваа слика се смета за пионерско дело на кубизмот.
Заедно со Брак, Пикасо во наредните години ќе го развие кубизмот. Во неговите дела создадени во тој период се вбројуваат „Девојка со мандолина“ (1910) и „Мртва природа со шише рум“ (1911). Во најпознатите дела на Пикасо, секако, се вбројува и познатата „Герника“ (1937), слика што стана синоним за антивоена експресија. Создадена е како реакција на фашистичкото бомбардирање на истоимениот баскиски град во северна Шпанија, кое го наредил генералот Франко. Поради употребата на кубистички елементи, „Герника“ го претставува и придвижувањето на Пикасо кон надреализмот.
Последните години од неговиот живот се карактеризираат со фуриозна уметничка активност и експресија на опседнатост со еротиката. Во 1966 година на изложбата на слики и скулптури на уметникот претставено е делото „Пар“, кое прикажува маж и жена во прегратка и тоа е неговото најзначајно дело што ја обработува темата на љубовта и сексуалноста. Три години подоцна, изложбата на Пикасо во Париз предизвикала скандал поради еротиката на сликите и нивниот огромен формат.
Пикасо почина на 8 април 1973 година, во Мужин, во близината на Кан. В.Д.