Железничката станица, значаен транспортен центар

Лајпциг, град во областа Саксонија во Германија, со околу 600 илјади жители е модерен, современ и уреден град со одлична инфраструктура. Тој е центар на образованието, науката и културата. Ова се моите впечатоци од осумдневниот престој во градот

Импресии од патувањата низ Европа на нашата дописничка од Прилеп

Познат уште од средниот век по саемите, Лајпциг лежи во низината на Веис Естлер и Плеисовата Река. Тукуречи на крстосница на важните трговски патишта низ Европа, што му дало голема трговска моќ за развој. Низ годините бил место за учење, уметност и важен центар за трговија со книги, што практично и ден-денес е, бидејќи тука се одржува големиот европски саем на книгите.
Лајпциг е град на културата, им бил дом на Бах и Менделсон, Мартин Лутер проповедал тука, а Гете имал свое влијание. И сето тоа е видливо при прошетката низ Лајпциг.
Денес е најпопуларна туристичка дестинација во источна Германија, а благодарение на богатата култура и музичката оставина е еден од најважните градови во Европа.
Лесно е да се шета низ Лајпциг. Одлично е организиран превозот со трамвај, со автобус, метро… Но жителите на градот најмногу го користат трамвајот. Речиси на секои десетина минути доаѓа редовната линија и те носи во кој правец сакаш. Не е важно од која страна ќе започнете да го разгледувате стариот град. Дали од кај Железничката станица, како што прават илјадниците туристи или, пак, од кај плоштадот „Аугуст“ и големата зграда „Тауер“!
Плоштадот „Аугуст“ е убав простран плоштад, опкружен од едната страна со операта, од другата страна со концерната зграда „Гевандхаур“ и одличната современа градба на Универзитетот. Футуристичката зграда „Тауер“ го привлекува вашето внимание. Ретро, во форма на отворена книга, доминира над плоштадот. Концерната зграда „Гевандхауз“, изградена во 1981 година, е извонредно место за концерти, а во долниот дел продавница за музика од познатите имиња Бах, Менделсон, Бартолди, Мазур… Различни стилови на градби има на овој плоштад, од рококо до ретро и од ретро до модерен стил. А Универзитетот е основан во 1409 година, втор по старост во современа Германија, со илјадници студенти, кои имаат одлични услови за настава и научно истражување. Во внатрешноста на Универзитетот посетителите имаат можност да го видат споменикот на Лајбниц, еден од најважните мислители во 17 век.
Зградата на операта е од 1960 година. Наспроти ќе го видите домот на Крох со скулптури од отецот и синот на самиот врв. Зграда на која има вградено часовник што го покажува времето. Во непосредна близина на овој плоштад е и Музејот на Менделсон.

Срцето на градот-плоштадот со историскиот музеј

Откако ќе го разгледате овој плоштад, патот ве води по улицата Гримаиштрасе, трговска улица со многубројни продавници. На прв поглед ќе ви „падне“ во очи споменикот „Несовремени современици“, за потоа да продолжите по улицата и да стигнете до средината, лево да влезете во галеријата „Мадлер“, во која има два значајни паметници, со уникатна ротонда изградена во 1914 година по облик на миланските галерии, уникатен трговски дел со продавници за рачна изработка. Од десната страна е Зградата на трговците пред која гордо е исправен споменикот на Гете. Убав простор со ресторани и можност да седнете и да се напиете вкусно кафе.
И на крајот од улицата плоштадот „Маркетплац“, стар трговски дел, срцето на градот. Зградата што доминира на плоштадот е Историскиот музеј на Лајпциг, која неколкупати била реновирана, со специфична архитектура. Ренесансната градба е средиште на животот во градот. Кула со барокна круна, со балкони што се користат за јавни настани, а често тука настапуваат трубачи во традиционални носии. Наспроти е улицата Барфусгессен со многубројни кафулиња, ресторани… Секако, неизоставно посетете ја и традиционалната кафетерија „Баум“.
Малку подолу од плоштадот е црквата „Св. Тома“, а пред неа има убаво среден парк. Од едната страна на црквата е споменикот на Јохан Себастијан Бах, а внатре се неговите мошти. Тука е и музејот на Бах, големиот композитор, во кој ќе видете сѐ што е поврзано со него. Патот од црквата „Св. Тома“ ќе ве одведе кон новата градска куќа, каде што е сместена управата на градот со преубави сали за состаноци, канцеларии…
Во близината на Историскиот музеј се наоѓаат Градскиот трговски дом, домот Шпекхоф, потоа Ритхауз, атрактивна зграда со слонови на влезната врата, а внатре слаткарница и црквата „Св. Никола“, која гордо се издига на средината од сите овие градби. Изградена е во 12 век. Интересна е внатре, поразлично украсена од сите други во Германија. Црквата „Св. Никола“ имала голема улога во политичките активности на граѓаните во 1989 година, при што се придонело за обединувањето на Германија. Напоредно е зградата од старата Градска школа, која била прва на тлото на Германија, а сега во еден дел е сместен современ ресторан и културниот фонд на Лајпциг.

Во самиот центар на Лајпциг се и неколкуте музеи, како Музејот на современата уметност, кој нуди различни изложби низ годината, а дел од разгледувањето на градот е и современиот трговски центар „Брул“, кој е во непосредна близина на импозантниот објект на железничката станица, со многубројни продавници, маркети, во која има 30 перони од каде што тргнуваат возовите за различни дестинации. Има уште многу интересни објекти што вредат да се разгледаат при посета на Лајпциг, ама неизоставно е да се види паметникот Големата битка на народите, кој се наоѓа малку подалеку од центарот, односно на 15 минути возење со трамвај.
Големата битка на народите во Лајпциг се одржала од 16 до 19 октомври 1813 година, која била историски решавачка, важна во колективната меморија. Тука бил победен Наполеон Бонапарта, при што загинале околу 100 илјади луѓе. Во чест на 100-годишнината на големата битка во 1913 година бил подигнат 90-метарскиот Споменик на битката на народите. Импозантна градба со херојски скулптури високи 12 метри. До врвот само по скали. Долу е музејот на битката во кој се илустрирани целата борба и животот на војниците. А околу езерото има патеки за шетање и преубав парк – вистинско место за релаксација каде што е споено минатото со сегашноста со мисла за иднината.
Има уште знаменитости што треба секој посетител да ги види, но ако остане подолго време, како што се музејот „Граси“, Ботаничката градина, Зоолошката градина…
Убаво е во Лајпциг, барем така велат нашите Македонци што живеат таму и се дружат повремено. Велат средено е сѐ, од работа, здравствено осигурување, сместување, инфраструктура, уреденост… Се уверив во тоа, но она што особено ме израдува се чистотата и многубројните паркови и зеленилото на секој чекор. Очигледно раководството се грижи за убавиот изглед на градот и за привлекување туристи. Се грижат за старите објекти, ама ги вклопуваат со модерните и спојот е одличен.
И, затоа, повторно би сакала да го посетам Лајпциг.

Црквата Св. Никола