Фото: Маја Јаневска-Илиева

Безгрижното детство, чувството на слобода и моментите кога човекот станува дел од неа е изразено во првата фотомонографијата „Лазороска“, плод на острото око и искусните прсти на фотографот на канон-генерацијата во земјава, Игор Цветковски. Промоција на фотомонографијата се одржа во „Мала станица“, каде што е отворена и изложба на фотографиите претставени во книгата.
Инспирирана од песната „Лазороска“ на авторот Јован Ламбески, фотомонографијата на Цветковски го документира чувство на слобода и моментите кога човекот станува дел од неа.
– Низ 100 страници и 64 пејзажни фотографии од Лазарополе од сите годишни времиња ја изразив потребата на секое човечко битие да ѝ се восхитува на природата во даден момент од својот живот. Овој начин на самоизразување го прикажува мојот восхит од природните убавини на Лазарополе во текот на зимскиот период, кога селото е сосема празно, прилика што ретко кој имал можност да ја искуси. Фотомонографијата е оживување на душата на природата преку фотографии во боја направени во периодот на ковид-пандемијата во Лазарополе – вели Цветковски.
Монографијата започнува и завршува со зима, фотосведоштва од две пандемиски години поминати во Лазарополе. Дело низ кое може да се види тишината и да се чуе звукот на природата низ заживеаната песна „Лазороска“ на младиот композитор Мартин Данчев, во дип-хаус преработка.