Сите сонуваме да бидеме дел од тој голем ракометен собир, вели македонската голманка Јована Мицевска
РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА ПРВ БАРАЖ-ДУЕЛ СО УКРАИНА ЗА ГОДИНАШНИОТ МУНДИЈАЛ
Македонската женска ракометна репрезентација денеска во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ (од 19 ч.), ќе го игра пред првиот бараж-натпревар со Украина, за пласман на Светското првенство (СП), што во декември треба да се одржи во Норвешка, Данска и во Шведска. Влезот на натпреварот е бесплатен.
– Украина е противник по мера и можеме да се носиме со нив. Можеби мала предност е што првиот натпревар ќе го играме на домашен терен, но очекуваме поддршка од публиката за да ја оствариме целта. Дополнителна предност е и тоа што реваншот ќе го играме на неутрален терен. Се надевам дека можеме да се пласираме на СП. Сите сонуваме да бидеме дел од тој голем ракометен собир – вели македонската голманка, Јована Мицевска.
Реванш-натпреварот поради ситуацијата во Украина ќе се одигра во унгарскиот град Кишварда во вторник (од 17 часот). Вкупниот победник по двата натпревара ќе се пласира на СП.
– Украина е квалитетна репрезентација составена од искусни, но и млади ракометарки, но ние сме подготвени да се соочиме со таков ривал. Овој дуел е од историско значење за оваа наша млада генерација, оти триумф нѐ носи на толку посакуваното СП. Сите девојки се подготвени да го дадат максимумот и секако одиме на победа – вели левиот бек Јована Кипријановска.
Македонија досега пет пати настапила на СП, последен пат во 2007 година (12-то место), а најдобриот пласман го оствари во 1997 година, со пласманот на седмото место. Украина седум пати била дел од мундијалите, најдобриот пласман ѝ е четвртото место во 2003 година, а последен пат играла пред 14 години и била на 17-та позиција. Г.И.