Животни

Акико Такаока, истражувач од Катедрата за психологија на Универзитетот во Токио, во текот на своето долгогодишно истражување спроведе различни студии за кучиња, кои дадоа интересни резултати и сите водат до истиот заклучок: кучињата знаат кога биле измамени и во исто време се сеќаваат кој им го направил тоа, по што ја губат довербата во таа личност.
Во еден од овие експерименти, волонтер што учествувал во истражувањето им покажал сад со храна на неколку кучиња, додека друго лице „послужувало“ сад што бил празен, кој кучињата не можеле да го видат додека не му пришле.
Истото тоа потоа се повторило неколкупати, а резултатот бил исклучително интересен – кучињата се сетиле кој ги изневерил, покажувајќи гнев или рамнодушност кон него, а притоа покажувале наклонетост кон оние што не ги изневерувале.
Студијата спроведена од Одделот за психологија на Универзитетот во Кјото покажа дека кучињата, исто така, можат да разберат кога некој е непријатен за нивното човечко семејство и да постапат соодветно.
Кучињата учествувале во овој експеримент придружувани од нивните сопственици и неколку доброволци што не ги познавале. Некои од волонтерите потоа биле замолени да се однесуваат убаво кон сопственикот на кучето во негово присуство, додека други требало да се однесуваат непријатно и да му викаат на сопственикот додека покажуваат агресивни гестови.
Потоа волонтерите им нуделе храна на кучињата, оние што се однесувале љубезно кон нивните сопственици биле пречекани со прифаќање и љубезност од домашните миленици, додека оние што биле непријатни биле пречекани со став на отфрлање или непријателство, пренесува „Нешнл џиографик“.