Утре, со почеток во 12 часот, во просториите на Кинотеката на Македонија, ќе се одржи промоција на книгата „Кинематографијата на другата Европа“ на Дина Јорданова и на списанието „Кинопис“ бр. 61. Промотори на двете изданија на Кинотеката ќе бидат: Саша Станишиќ, филмски режисер и проучувач на филмот, и Јане Алтипармаков, филмски режисер и автор. На промоцијата, исто така – ќе ѝ биде доделена и плакета на Илинденка Петрушева, доајен на филмската мисла и критика кај нас – по повод нејзиното прогласување за почесен уредник на списанието „Кинопис“.
– Кинотеката, со длабоко задоволство, може да констатира и информира – дека во областа на издаваштвото, во изминатата 2022 година – реализира дури три печатени изданија, што е своевиден зенит во издавачката дејност на оваа институција, имајќи предвид дека досега немало случај да се реализираат повеќе од две изданија годишно, вклучувајќи го редовното издавање на списанието „Кинопис“ секоја година. Задоволството е уште поголемо што, од друга страна, пак – дури две од реализираните изданија се преводна стручна филмска литература – што е од особено големо значење, како за Кинотеката така и општо за стручната филмска книжнина кај нас – велат од Кинотеката.
Станува збор за изданијата: „Иницијација и покајание“ на Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката, „Мојот последен здив“ (превод) на Луис Буњуел, култен филмски режисер и поетичар на филмската уметност, „Кинематографијата на другата Европа“ (превод) на Дина Јорданова, филмолог и теоретичар на филмот од Бугарија, која живее и работи во Канада.