Самостојната изложба „Врамена различност“ на Мартин Џепароски ќе биде отворена денеска, во 19 часот, во „Порта Македонија“.
Мартин Џепароски (1991 г.,Скопје) дипломирал вајарство и сценографија на ФЛУ во 2015 година, во класата на проф. Ибрахим Беди.
– Изложбата ги претставува истражувањата на авторот за различностите, но и за сличностите меѓу луѓето и животните. За добрината на Св. Мартин, кој својот плашт му го подарува на сиромашниот и скудно облечен, но и за трансформациите на самиот современ човек, кој визуелно и суштински се видоизменува. Затоа светот на човекот и светот на животните во визуелните претстави е толку различен: од реално до иреално, од генетски немодифицирано до генетски модифицирано, од здраво до нездраво и до мутирано. Авторот ослободен од правилата, но со голем силен и експлозивен набој на емоции верува дека на платната може да талка кон она што сака да го претстави, а во основа е непретставливо. Сето ова на тој начин станува само еден дел од светот на неговите врамени различности – се вели во најавата.
Проектот е поддржан од Министерство за култура, Музејот на македонската борба за самостојност – Скопје и од „Порта Македонија“.