Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) и во текот на оваа година планира да организира и да спроведе различни настани и програми со цел да ја промовира македонската кинематографија, да обезбеди континуиран развој на филмската дејност, како и да овозможи стимулирање и унапредување на филмската професија и промоција на филмската уметност и култура.
Како иницијатор, основач и организатор на филмската ревија „Златна рамка“, која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година финансирани од буџетот на државата и поддржани од Агенцијата за филм, ДФРМ годинава го подготвува јубилејното петто издание на манифестацијата, кое ќе се одржи од 20 до 23 април.
– „Златна рамка“ е единствена можност на едно место да се погледнат сите остварувања на домашната кинематографија од една календарска година.
Манифестацијата произлегува од потребата да се негува долгогодишната традиција на нашата кинематографија, која во континуитет произведува и врвни дела што се дел од ревијалните или натпреварувачките селекции на најголемите светски филмски фестивали, но овие филмови често остануваат тешко достапни за домашната публика, понекогаш дури и за критиката. „Златна рамка“ веќе четири години успешно ја промовира нашата актуелна кинематографија и претставува единствен настан посветен на македонскиот филм, во услови кога дури и постојните домашни фестивали немаат макар придружна специјализирана програма во која ќе бидат опфатени новите наслови, а значен дел од нив не успеваат да бидат поставени на редовниот репертоар на кината што работат комерцијално – велат од друштвото.
Токму годинава се одбележува еден мини-јубилеј од пет години.
– Транспарентното прикажување на годишната продукција го подобрува квалитетот на проектите од година на година, нашата кинематографија предизвикува интерес кај домашната публика, медиумите покажуваат интерес за македонскиот филм, а филмските професионалци имаат можност да ги стават во фокус прашањата што ги засегаат и да ги афирмираат своите остварувања со еднаков третман на сите што се вклучени во филмските екипи. Ваков ревијален приказ претставува и своевиден отчет што им го должиме на публиката и на критиката, кои на едно место можат да добијат целосна слика за сработеното во македонскиот филм во една тековна година – велат од ДФРМ.
Во рамките на „Златна рамка“, на 20 април ќе се одржи и годишното собрание на друштвото, на кое оваа година ќе се изврши избор на директор на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за период од две години. С.Ј.