Фото: З.А

Вработените од Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Кичево, во текот на вчерашниот и денешниот ден презедоа акција за чистење на отпадот расфрлан во дворот од зградата во која седиште имаат четири подрачни единици. Секоја година овој простор поради кучињата скитници кои го поминуваат денот во овој простор и поради неодговорните граѓани кои се одмораат на клупите на кејот на Сушица и одлагаат секаков вид на отпад, се претвора во вистинска депонија.

– Во рамките на сеопфатната акција „За почист град“ која ја започнавме пред околу еден месец, деновиве ја реализираме со собирање на отпадот расфрлан во кругот на подрачните единици на РЦУК, ДЗС, Одбрана и Микробиологија. За големите количестав на отпад на овој простор постојат две причини и тоа, кучињата скитници кои ги влечат кесите со отпад од блиските контејнери и неодговорните граѓани кои дел од денот го поминуваат на клупите поставени на кејот на река Сушица и се што не им е потребно од хартија, празни кутии цигари, лименки од пива и сокови ги расфрлаат во соседниот двор. Во текот на годината на овој простор неопходна е барем уште една слична акција бидејќи нашите сограѓани тешко ги менуваат навиките – вели директорот на комуналното претпријатие..

Тој потсети дека во претходниот период исчистени се депониите кај добиточниот пазар, во повеќето периферни населби, кејот на Сушица, Калето, а истата ќе продолжи и во преостанатите делови и улици во градот.

З.А