Полицијата приведе 18 навивачи по инцидентите во салата „Јане Сандански“ во Скопје за време на вчерашното ракометно првенствено дерби помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер (31-24), објавува „Макфакс“. По фрлањето на предмети на теренот, а потоа и судир меѓу навивачките групи, известен е и јавен обвинител.
– Известен е јавен обвинител и се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот по закон за спречување насилство на спортски натпревари – велат од МВР за „Макфакс“.
Натпреварот беше прекинат во 17-тата минута при резултат од 6-6, откако гостински навивачи при влегување во салата „Јане Сандански“ почнаа да фрлаат кон домашните навивачи со пиротехнички средства, на што возвратија навивачите на Вардар, кои влегоа на теренот фрлајќи со шишиња и тврди предмети.
По натпреварот, битолската навивачка група „Чкембари“ со шест автобуси и едно комбе замина од салата „Јане Сандански“, а долж булеварот беа распоредени униформирани полицајци и специјалци.