Паралелно со чистење на сите сообраќајници и тротоари во градот, вработените во комуналното претпријатие од Кичево презедоа и сеопфатна акција за темелно чистење и на Китино кале. При оваа акција покосени се сите тревнати површини, исчистени грмушките со кои калето беше обраснато во повеќе делови, а искастрени се и листопадните стебла, со што гордоста на кичевчани за час го промени својот изглед.
-Во месецот на пролетта и екологијата спроведовме акција за чистење на сите улици и тротоари во градот а во рамките на оваа акција е и темелно чистење на Китино кале. Во изминативе денови беа покосени сите делови од калето каде што беа израснати грмушки,исчистени и малите депонии што се создале на периферијата на калето, ги искастривме и сите листокапни дрва на овој локалитет, целосно ги исчистивме сите патеки и извршивме контрола на целиот систем за работа на фонтаните кои треба да почнат да функционираат во летниот период. Со овој зафат за час го променивме изгледот на калето и секој што ќе го посети овој локалитет ќе ја забележи разликата-нагласи Зенел Јонузи од комуналното претпријатие. З.А.