САД денеска го воспоставија својот прв постојан воен гарнизон во Полска, а според американскиот амбасадор во Варшава, тоа е знак за единство на НАТО „против руската агресија“.
– Ова покажува дека сме тука да останеме. Тоа му покажува на целиот свет дека САД се посветени на Полска и НАТО. Ние сме обединети против руската агресија – рече на церемонијата амбасадорот Марк Бржежински.
Американскиот гарнизон, осми во Европа, ќе биде задолжен за координирање на поддршката за американските сили распоредени во Полска и низ источното крило на НАТО.
Распоредувањето на американскиот постојан гарнизон е реализација на одлуката на американскиот претседател Џо Бајден од минатата година, а гарнизонот ќе биде во служба на штабот на Петтиот корпус на американската армија што дејствува во Полска од 2020 година.
Во моментов во Полска се стационирани повеќе од 10.000 американски војници. Низ земјата поминува најголем дел од оружјето и опремата за Украина.
Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак изјави дека постојаниот американски гарнизон во Познан ќе биде првата точка на постојано распоредување на американски војници во Полска.
Тој исто така рече дека го цени постојаното американско воено присуство во Полска, особено поради моменталната ситуација во Европа, односно руската инвазија врз Украина „со цел обновување на руската империја“.
Блашчак додаде дека истурената команда на Петтиот корпус на американската армија е залог за „безбедноста на Полска и целото источно крило на НАТО“.