Основното училиште „Јунуз Емре“ од селото Лисичани, до почетокот на наредната учебна година ќе има целосно нов изглед. Во претстојниот период, оваа училишна зграда ќе има нов пластифициран покрив, потпокривна изолација, како и енергетска фасада, што ќе овозможи заштеда од најмалку 30 проценти за затоплување на овој училиштен објект, потврди директорот на училиштето, Ајнур Бајрамоски, под чија закрила работат и училиштата во селата Вранештица и Челопеци.
– Со средства во износ од 5.000.000 денари, кои ги обезбеди Центарот за развој на југозападниот плански регион, училишната зграда на ОУ „Јунуз Емре“ во селото Лисичани ќе добие нов пластифициран покрив, потпокривна изолација и енергетска фасада со сендвич-ѕидови, што ќе овозможи заштеда на средства за затоплување на училишната зграда за најмалку 30 проценти. Договорот што е потпишан за реализација на овој проект ќе почне да се имплементира од почетокот на месец мај и истиот тој треба целосно да заврши до почетокот на наредната учебна година кога учениците од ова училиште ќе се вселат во речиси нов објект – нагласи директорот Бајрамоски.
Тој потсети дека со средства донирани од страна на турската компанија „Фортис“, која моментално гради фотонапонска централа во Кичевско, ќе биде поставена нова ограда на училиштето во селото Челопеци, а ќе донира и табли на кои ќе може да се пишува со маркери. Директорот најави дека оградата на училиштето во селото Челопеци ќе биде завршена во наредните петнаесетина дена.
З.А.