Заседава Економско-социјалниот совет
Во Владата попладнево се одржува седница на Економско-социјалниот совет на која треба да се расправа за Општиот колективен договор за јавен сектор и да започнат првичните разговори за нацрт законот за плати во јавниот сектор, кој за синдикатите е неприфатлив и бараат да биде повлечен.
– Општиот колективен договор е предлог на ССМ уште од пред две години, тоа е предлог текстот за кој ќе се расправа денеска, ќе видиме дали Владата ќе остане на тој текст. Мислам дека ситуацијата е сменета, ќе видиме што ќе каже Владата, го знаат многу добро нашиот став – изјави пред почетокот на седницата Трпе Деановски од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Тој повтори дека за сите синдикатите од јавниот сектор е неприфатлив Нацрт законот за плати во јавниот сектор, истакнувајќи дека се здружени во однос на ова прашање и оти бараат да се подготви нов закон, а во работните групи што ќе го подготват да бидат вклучени и синдикатите.
-Потпишана е Декларација од сите синдикати во јавниот сектор, дали е тоа ССМ, КСС, СОНК, КСОМ дека нема да го профаткиме овој предлог текст и бараме нов каде ќе бидат вметнати синдикатите во рабнотни групи за подготовка на законот и дека не се согласуваме со методологијата за утврдување на платитe, рече Деановски.
Усогласувањето на платите, оцени, не е доволно за да се смета како нивно покачување.
– Административните службеници немаат добиено покачување на плати од 2016 година. Ова не е покачување на плата, ова е усогласување со порастот на минималната плата. Ако земете во предвид дека минатата година инфлацијата беше многу поголема од ова усогласување, секој ќе заклучи дека ваквото усогласување од 2.170 денари не се доволни за да се прехрани едно четиричлено семејство. Мислам дека ќе треба да се направи нова методологија, да не биде само минималната плата како дел што ќе ја добиваме секоја година со усогласување. Ќе треба да се направат и други математики за да има континуиран пораст на платата секоја година, ама да не биде врзана со минималната плата, туку со просечна плата – рече Деановски.
Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија ССОМ потенцираше дека ќе побараат да се повлече нацрт законот за плати во јавниот сектор и оти ќе ги соопштат забалешките за колективниот договор.
– Се случува тоа што сите го очекувавме, тотален хаос, не се знае кој има покачување на плата кој не. Да видиме што ќе кажат. Па потоа ние сме на ред како синдикат. Незадоволството е огромно. Ќе побараме законот за плати во јавниот сектор да се повлече тотално. Да видиме што нуди колективниот договор и после седницава ако нема никако одговор од Владата ќе го свикаме највисокото раководство на Конфедерацијата, се надевам и останатите синдикати и мора да реагираме – изјави Ристески.
Претседателот на Собранието на Организација на работодавачи Ангел Димитров, пак, порача дека главната улога денеска ќе ја имаат синдикатите и Владата бидејќи се работи за плати во јавниот сектор.
– Нас како работодавачи не интересира само едно, при порастот на платите во јавниот сектор мора да се следи растот во приватниот сектор, таму се создава нова вредност и од таму се обезбедуваат средства за полнење на Буџетот од кој ќе треба да се исплатат платите на јавниот сектор – изјави Димитров.