Незадоволните жители од улицата Хо-Ши-Мин во Бутел денес протестираа против одлуката на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска за изградба на улица која минува низ нивните дворови.
Жителите од 16 куќи лоцирани на улицата во рок од три дена треба да се откажат од дел од своите дворовни места кои се државна сопственост, но кои тие ги користат речиси 60 години поради пробивањето на улицата.
Граѓаните мислат дека сето ова се реализира со цел да се изградат згради, согласно план донесен во минатото.
На протестот се приклучи и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски кој рече дека нема да дозволи во Бутел да дивее урбаната мафија.
Костовски порача дека Арсовска треба да ја промени трасата на градската улица која минува до домовите на луѓето, а со што се отвора само простор за нови згради.
– Денес со задоволство се приклучив кон протестот кои го организираа жителите на Улица Хо Ши Мин, за време на кампањата пред изборите им дадов збор дека ќе се борам со урбаната мафија и ќе дадам се од себе да го зачуваат нивниот мирен начин на живот – рече Костовски.
Општина Бутел испрати допис до Град Скопје со кој ја поддржа граѓанската иницијатива со која од градот Скопје се бара трасата на градската улица да биде поместена, или во договор со граѓаните да се изнајде прифатливо решение.
Од Градот по протестот информираа дека трасата на улицата „Боца Иванова“ е предвидена со Генералниот Урбанистички план, и во целата своја должина се простира на земјиште кое е во државна сопственост.
– Во овој дел законот е јасен и дециден, и нема простор за политички манипулации. Неправото, не може да произведе право, па оттаму, граѓаните на градот Скопје не може да бидат спречени во своите права за своите даноци да не добијат соодветни услуги, нова инфраструктура и безбедно сообраќајно решение. Неправото на неколкумина, не може да го дерогира правото на сите – велат од Град Скопје.
Што се однесува на наводни ДУП-ови за изградба на згради на потегот на оваа траса, на Костовски му порачаа да ги научи своите ингеренции. Детален урбанистички план носи општината, а не градот Скопје.
– Тоа што Дарко Костовски ветувал дека на тој дел на улицата Боца Иванова ќе легализира земјишта на кои ќе вцртува маркици за изградба на згради, кои сега поради реконструкцијата на улицата нема да биде возможно е негов проблем, а никако проблем на градот или на граѓаните на градот Скопје – велат од Град Скопје.
На овој појас, Градот воведува забрана за изградба и предвидува целиот овој потег да биде зелен појас.
Од тука, апелираат граѓаните да не дозволуваат да бидат изманипулирани и инструментализирани за остварување на, како што велат, бизнис интересите на неколкумина политиканти и бизнисмени. На крајот, одговорноста е на оној кој узурпира државно земјиште, а не на политиканите – велат од Град Скопје.