„Ахметисти“ и „Огненисти“

Каков ќе биде расплетот на внатрешната дебата во ДУИ: функционирање на групацијата на Меџити како партиска фракција или формирање нов политички субјект, со кој ќе раководи поранешниот градоначалник на Чаир?
Демократската унија за интеграција, политичка партија на Албанците во Северна Македонија, формирана во мај 2002 година, по завршувањето на воениот конфликт во 2001 година и постигнувањето на Охридскиот договор, до неодамна беше како и името – унифицирана партија. Во неа имаше внатрешни несогласувања, но не и поделби! Но во ДУИ од пред Нова година, како никогаш досега, се води жестока битка за придобивање на членството и за докажување на партискиот легитимитет. Битката се води и на терен, со одржување средби со граѓаните и во медиумите. Веќе се консолидирани две политички струи, едната предводена од Али Ахмети, а другата од Изет Меџити.
Процесите на внатрешни партиски поделби започнаа уште во првата политичка партија на Албанците, Партијата за демократски просперитет (ПДП), формирана на 16 април 1990 година во селото Џепчиште, во Тетовскиот Регион, за чиј претседател беше избран Невзат Халили.
ПДП, која во својата програма се декларираше како граѓанска партија, кај Албанците се доживуваше како етничко политичко движење. Првиот удар за деструктурирање оваа партија го доживеа од еден државен медиум во Тирана. Тоа беше коментарот на Албанската телеграфска агенција (АТА), објавен во декември 1993 година, кој го навести и на некој начин го запечати расцепот на оваа партија. Во овој коментар дел од раководството на ПДП се обвинуваше за спречување на демократскиот живот во оваа партија, но и за конфузија околу, како што ги нарекуваа, правичните барања на Албанците. По коментарот, партијата беше поделена на две групации или фракции. На една страна беше „официјалната“ партија, предводена од Џеладин Мурати, а на друга беше фракцијата наречена Партија за демократски просперитет на Албанците, предводена од Арбен Џафери, врвен интелектуалец и новинар, кој својот работен век надвор од политиката го поминал во Приштина.
Идентичен процес се случуваше и во Демократската партија на Албанците, формирана во 1994 година, од која директно произлегоа партијата на Имер Селмани, Нова демократија и Движењето за реформи – ДПА на Зиjадин Села, која потоа се преименуваше во Алијанса на Албанците и денес е раководена од градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. Индиректно, од ДПА произлезе и партијата на Руфи Османи, Националнодемократска преродба.
Во минатите две децении само ДУИ беше партија во која имаше заедништво. Но, веќе не е така! Во ДУИ веќе се профилирани две големи политички групации. На една страна се, како што се нарекуваат, „ахметистите“, предводени од двоецот Ахмети – Артан Груби, а на друга страна се „огнените“ предводени од Изет Меџити и Муса Џафери. Првпат во историјата на оваа политичка партија се наѕираат големи сериозни потреси, кои може уште повеќе да ја зафаќаат во иднина.

ДУИ и порано се соочуваше со „внатрешни удари“, но тие не беа толку силни за да се мисли дека ДУИ не е имуна на расцепкувањето. По оставката на потпретседателот на Собранието, Хисни Шаќири, од партиските функции и законодавниот дом во 2005 година, вториот потрес во ДУИ се случи по десет години. Во октомври 2015 година, поранешниот началник на Генералштабот на ОНА (Ослободителна национална армија), Гзим Острени, пратеникот Зулфи Адели и уште неколку поранешни функционери од ДУИ ја официјализираа новата политичка партија Унитети, која се залагаше за градење меѓуетничка доверба и воспоставување граѓанска држава. Но оваа партија немаше успех на парламентарните избори и по само две години згасна.
Иако кон крајот на минатата година лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вети дека ќе отвори расправа во органите на партијата за постигнатите резултати на министрите на ДУИ во владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, тој не го овозможи тоа. Како реакција на немањето слух од Ахмети, лидерот на „Огнената група“ во ДУИ, Изет Меџити, пред медиумите упати јавни критики кон министрите на својата партија, особено кон првиот вицепремиер Артан Груби. Според анализата подготвена од „огнените“, од изборните ветувања на ДУИ што станале дел и од владината програма, од 170 проекти, во целост се остварени само два, а пет се само делумно остварени. Процентуално, остварени се само два процента од проектите. Меџити е редок политичар што за Ахмети вели дека „ако е лидер, не значи дека е безгрешен“. Потпретседателот на ДУИ директно му порача на Ахмети: „Не гори го јорганот за една болва“, односно упати барање за смена на Груби од првото вицепремиерско место.
Иако Груби во Чаир изрази подготвеност за оставка ако тоа го побара Ахмети, оти како што појасни – зборот на лидерот за него е последен, лидерот на ДУИ не го дава Груби. Ахмети во Гостивар изјави дека нема да го смени заменик-премиерот Груби, оти неговиот избор е одлука на мнозинството на партиските тела. Во меѓувреме, Меџити со својата групација веќе не инсистира на смена на Груби и е дециден дека нема да гласа за новата влада, а освен него се претпоставува дека нема да гласаат и неговите истомисленици, пратениците Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи.
Внатрешните превирања во ДУИ и одлуката на Алијанса на Албанците да биде дел од Владата на Ковачевски може да имаат краен резултат: формирање нов албански блок, во кој би членувале „огнените“ од ДУИ, како фракција односно неформална политичка групација или како нова политичка партија, Беса и Алтернатива.

Некогашните тврди политички ривали, Беса и Алтернатива, кои до февруари 2019 година беа заедно во еден партиски субјект, најавуваат соработка во иднина. Потпретседателот на Беса, Аријанит Хоџа, и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, не ја исклучиле можноста за коалицирање.
Како што извести ТВ Алсат на 25 февруари 2023 година, „челниците на Алтернатива и Беса, покрај сигналите за меѓусебна соработка, одржаа средби и со челниците на ’Огнената група’ од ДУИ. Доколку членовите на оваа група бидат исклучени или ако самите си заминат од ДУИ, тогаш не се исклучува можноста за создавање опозициски фронт меѓу трите политички групации на следните парламентарни избори“.
Овој политички фронт е можен и поради личните релации меѓу еден од челниците на „Огнената група“, Муса Џафери, поранешен заменик-премиер, со потпретседателот на Беса, Фатмир Лимани, поранешен заменик-директор на ЕЛЕМ, предложен од ДУИ, а особено како антипод на новата владина коалиција. На следните избори, без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни, тие би им конкурирале на ДУИ и Алијансата на Албанците, кои, како што веќе се шпекулира, би настапувале на избори во предизборна коалиција, заедно со СДСМ, под мотото „Заедно за Европа“.
Проевропската коалиција со СДСМ е можна, но ДУИ и Алијансата на Албанците, како посебни субјекти, не би се одлучиле за настап како меѓусебна коалиција. Двете партии континуирано, од 2015 година, речиси секојдневно се напаѓаат и обвинуваат, што е доказ дека партиски определените избирачи од двете партии многу тешко би се одлучиле да гласаат за коалиција предводена од Ахмети и Таравари.
Од сето ова произлегува заклучокот дека од март оваа година, во албанскиот блок ќе функционираат два блока. ДУИ и Алијанса на Албанците, кои како поранешни лути ривали, тешко би се одлучиле за формирање двопартиска албанска коалиција, а за „високи европски цели“ би прифатиле предизборна коалиција со СДСМ. Поради фактот што „огнените“ не ја поддржуваа владата на Ковачевски, особено министрите на ДУИ и Груби, а Беса и Алтернатива беа исклучени од Владата, првите од Заев, а вторите од Ковачевски, многу е рационално да се прогнозира дека е можна тројна коалиција во албанскиот блок.
Поради критичкиот однос кон власта, претпоставките се дека „огнените“ би прифатиле да бидат дел од власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ако добијат поголем број пратеници на следните избори.

Сефер Тахири

(respublica.edu.mk)