Седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата која требаше да продолжи попладнево е прекината, откако претседателката на Комисијата Марија Георгиевска од СДСМ и заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова почнаа да се препираат.
На дневен ред на седницата е точката за утврдување предлог за избор на судии на Уставниот суд на Македонија.
Георгиевска најпрво му дала збор на пратеникот Игор Здравковски, но веднаш реагирала Панова, потсетувајќи ја претседателката дека побарала да се обрати процедурално. На тоа Георгиевска ѝ рекла дека веќе го најавила почетокот на седницата и обраќањето на пратеникот Здравковски. Панова ѝ укажала дека повторно го крши Деловникот кој ѝ овозможува, како што рече, процедурално обраќање како заменик-координатор.
Додека траеше препирката, околу 20-на минути, двете пратенички речиси постојано зборувале истовремено – Георгиевска ѝ викала на Панова да го исклучи микрофонот и да го овозможи одржувањето на седницата, а Панова возвраќала дека има право на збор.
Претседателката на Комисијата потоа констатира дека нема услови за продолжување на седницата, ја прекина и најави дека ќе биде дополнително закажана.