Скопската полиција од вчера презема мерки и постапува по случајот со исчезнатиот 26-годишник Самоил Костадиновски за кого медиуми објавија дека е внук на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, потврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-Од вчера се преземаат активности во низа на оперативно-криминалистички постапки од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје. Ќе ги согледаме сите факти што ќе произлезат од истрагата за да видиме и да откриеме за лицето што се води како исчезнато – изјави Спасовски.
Дваесет и шестгодишникот, за кого ММС објави оти е внук на Бошкоски, односно внук од брат на неговата сопруга Виолета, бил пријавен за исчезнат на 4 март. Во изјава за медиумот, сопругата на Бошкоски потврдила дека нејзиниот внук е исчезнат, а според објавите на социјалните мрежи кои деновиве масовно се споделуваат на социјалните мрежи, тој наводно бил киднапиран во близина на чешката амбасада.
Според апелот на социјалните мрежи за пронаоѓање на 26-годишното момче, трагата му се губи кај Амбасадата на Чешка во Скопје.